Европарламентот бара првата Меѓувладина конференција да се одржи до крајот на 2020

Известувачот за Северна Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук го поздрави изготвувањето на нацрт преговарачката рамка од страна на Европската Комисија и ги повика земјите членки да ја одржат првата Меѓувладина конференција до крајот на оваа година, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Комисија вчера ги предаде предлог рамките до земјите членки на ЕУ, кои треба во наредните месеци да ја усвојат на министерско ниво. Според нацрт агендата на германското претседателство тоа би се случило на 10 ноември.

На повикот на Ќучук се придружи и известувачката за Албанија, Исабел Сантос.

-Го поздравуваме овој нов клучен чекор во процесот на проширување – презентирањето на преговарачките рамки, кои, откако ќе се финализираат, ќе ги водат пристапните преговори за Албанија и Северна Македонија. Ги повикуваме земјите членки да ги усвојат текстовите на рамките без одлагање, за да се овозможи одржување на првата Меѓувладина конференција со секоја од земјите до крајот на оваа година, повикаа известувачите.

Првата Меѓувладина конференција го означува отворањето на првиот кластер на поглавја, посветени на владеењето на правото и правдата.

Ќучук и Сантос истакнуваат дека одржување на првата Меѓувладина конференција без одлагање ќе значи јасно признавање од страна на ЕУ за испорачувањето на реформите во двете земји и ќе ги поттикне целосно да му се посветат на преточувањето на целото ЕУ законодавство во националните законски рамки.

-Се надеваме дека владите во Албанија и Северна Македонија ќе изградат широк национален консензус за усвојувањето на сите потребни патокази и мерки, порачаа известувачите и ја повикаа Европската Комисија да продолжи да им ја пружа потребната поддршка на двете земји во овој поглед.

Северна Македонија треба да изготви патокази за исполнувањето на клучните реформи во делот на владеењето на правото и јавната администрација во наредните месеци, стои во преговарачката рамка. Германското претседателство во повеќе наврати истакна дека амбицијата на Берлин е да ја одржи првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на оваа година, потврдувајќи дека проширувањето ќе остане на врвот на приоритетите на ЕУ во наредните шест месеци.

Исполнувањето на реформите и посветеноста кон градење добрососедски односи и решавање на сите преостанати несогласувања со Бугарија и Грција остануваат клучни услови и во наредниот период, нивното непочитување може да доведе до стопирање на целиот процес, имајќи предвид дека Софија и Атина располагаат со право на вето исто како и секоја друга земја членка на ЕУ. Дипломатите во Брисел запознаени со процесот на проширување повикуваат да се продолжи да се разговара во европски и конструктивен дух со сите соседи за да не се одразат евентуалните билатерални тензии врз процесот на пристапување во Унијата .

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *