Реализацијата на вкупните приходи во буџетот е подобра од очекувањата. Во јуни таа е пониска за 9,6 отсто во однос на јуни минатата година, а во сценариото бевме подотвени за 20 опроценти пониски приходи, рече денеска на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска. Оцени дека и покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија, во услови на справување со КОВИД-19, извршувањето на буџетот се одвива по план, а ликвидноста е обезбедена. Потенцира дека преземените мерки даваат резултат и очекува и во третиот и четвриот квартал од годинава постепено опоравување на домашната економија, кое ќе биде поддржано од реализација на третиот сет мерки наменети за заживување на економската активност.
-Денеска информираме за реализацијата за месец јуни, како и вкупно за целото прво полугодие од 2020 година. Она што радува е дека резултатите се подобри од очекуваното. Тоа укажува дека закрепнувањето е почнато и може да оди и побрзо од очекувањата. На приходната страна, кумулативно од почетокот на годината се уште се забележува пад. Сепак, тој е значително ублажен, а кај одредени давачки се забележува дури и висок раст во споредба со истиот период минатата година, рече министерката.
Таа појасни дека во периодот јануари – јуни, вкупните буџетските приходи се остварени на ниво од 44 отсто од ребалансот (годишниот план) или во износ од 87,4 милијарди денари. Ова, како што додаде, е за девет отсто помалку во однос на истиот период лани, а процентот на остварување во однос на планот, е речиси ист како и минатата година. Тоа, според неа, укажува дека е задржана динамиката на наплата на приходите.
Ангеловска истакна дека реализацијата на вкупните приходи во јуни е значајно подобра од очекувањата, односно дека е за 9,6 отсто пониска во однос на јуни минатата година, додека во сценариото, како што рече, бевме подготвени за 20 отсто пониски.
Напомена дека даночните приходи во првата половина од година бележат пад од 13 отсто на годишно ниво и изнесуваат 47,3 милијарди денари. Досега се реализирани 44 отсто од планот, што е речиси непроменета реализација во однос на планот споредено со лани.
-Само за јуни, согласно сценариото од ребалансот, проекциите беа во надолна линија со очекуван пад од нешто над 20 отсто, додека остварениот пад е 14,4 отсто. Ова е позитивна разлика од околу 700 милиони денари. По падот од 31 отсто и 29 отсто во април и мај респективно, се забележува позитивно придвижување и подобрена наплата кај даноците, потенцира Ангеловска.
Истакна дека кај приходите од персонален данок на доход има позитивни движења и дека во второто тримесечје движењата по месеци се -11,7 отсто во април, -25,7 отсто во мај, за во јуни да биде регистрирана позитивна стапка 1,7 отсто. Ова, посочи, во голем дел се должи на мерките на Владата за помош во исплата на плати за фирми погодени од КОВИД-19.
Од податоците што ги сподели, ДДВ исто така има позитивно движење. Во април и мај падот кај ДДВ беше -43,5 отсто и -33 отсто, додека во јуни е -7,5 отсто. Негативните стапки опаѓаат во второто тримесечје. Повратот на ДДВ, исто така, се одвива непречено и фирмите го добиваат повратот во регуларна динамика. Во услови на криза, повратот на ДДВ во првото полугодие од 2020 е повисок за 660 милиони денари споредено со истиот период лани или шест отсто повеќе. Ублажувањето на падот на приходите од ДДВ, меѓу другото се должи и на спроведените мерки за поттикнување на личната потрошувачка.
Министерката посочи дека се забележува позитивен тренд кај придонесите кои растат со стапка од осум отсто или вкупно досега изнесуваат 31,7 милијарди денари. Ова, оцени, е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување работните места во борба против КОВИД-19 кризата даваат резултат. Растот од 12 отсто на овие приходи, покажува одлична респонзивност на стопанството на преземените мерки. Во април и мај стапките беа 1,5 отсто и -0,9 отсто, што значи и тука забележуваме позитивни движења видно од месечните податоци, кажа Ангеловска.
Според министерката, расходната страна во првото полугодие бележи раст на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки за справување со КОВИД-19 кризата.
-Вкупните расходи изнесуваат 113 милијарди денари, што е зголемување од 9,9 отсто на годишно ниво или 10,2 милијарди денари што е 46,7 отсто од буџетираните расходи. Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се должи на поддршката за фирми и граѓани погодени од КОВИД-19 во износ од околу 5,4 милијарди денари или 88 милиони евра. Повеќе од половина од поголемите расходи е токму исплата на ковид програмите, а останатиот дел на повисоки пензи, социјална помош, повисоки платина здравството, образование, рече Ангеловска.
Дефицитот во буџетот во првото полугодие е во износ од 25,9 милијарди или 3,8 отсто од БДП, и е согласно проекциите, односно се одвива според планираната динамика.
Министерката за финансии истакна дека целта е да се обезбеди континуирано извршување на Буџетот, без застој, во законски утврдените рокови: односно вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарување кон буџетските корисници, да нема заостанати обврски, како и да продолжи навремениот поврат на данок.
Тука се, посочи Ангеловска, и мерките за КОВИД, поддршка што државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите, преку домашната платежна картичка, преку субвенционраните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски.
– Останува обврската и одговорноста на државата да ги обезбеди и испорачува јавните добра и услуги до сите, особено сега, во овие тешки времиња да се трудиме уште подобро да ги направиме работите, рече министерката.
Очекува и во третиот и четвриот квартал од годината постепено опоравување на домашната економија, кое ќе биде поддржано од реализација на третиот сет мерките наменети за заживување на економската активност.
Great read! The author’s perspective was fascinating and left me with a lot to think about. Let’s discuss further. Click on my nickname for more thought-provoking content!