Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за МИА уверува дека Јавното обвинителство е подготвено и со целосна посветеност и залагање ќе пристапи кон примената на одредбите од новиот Закон за јавно обвинителство што денеска стапи на сила. Законските решенија, како што посочува, содржат добра основа за современо јавно обвинителство, како надлежен орган за гонење на сторителите на кривични дела.
Во врска со предметите на Специјалното јавно обвинителство, Јовески вели дека Јавното обвинителство ги презема за да продолжат постапките и сторителите на кривични дела да ја добијат заслужената казна.
-Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница, нагласува државниот јавен обвинител.
Здравствената криза, како што вели Јовески, донесе застој во сите области на живеењето, па така и во работењето на правосудните органи, што беше наметнато од приоритетот да се обезбеди здравјето на сите лица инволвирани во постапките. Тој напомнува дека обвинителите постапуваат во предметите и по нив ќе се донесуваат одлуки за кои јавноста благовремено ќе биде запознаена.
Обвинителе Јовески денеска почнува да се применува новиот Закон за јавно обвинителство. Дали обвинителството е подготвено за имплементација на ова законско решение?
Oд денеска стапи на сила новиот Закон за јавно обвинителство. До сега се работеше со застарени законски решенија кои не соодветствуваа на современите потреби и на надлежностите на јавните обвинители како носители на истражната постапка. Јавното обвинителство е подготвено и со целосна посветеност и залагање ќе пристапи кон примената на одредбите од новиот закон. Законските решенија содржат добра основа за современо јавно обвинителство како надлежен орган за гонење на сторителите на кривични дела.
Какви конкретни промени носи новиот Закон во работата на Јавното обвинителство?
Законот нуди квалитетни решенија. Би го потенцирал овозможувањето на финансиската самостојност на јавното обвинителство. Јавноста знае, дека со години има недостаток на материјални и човечки ресурси. Тоа многу ја отежнуваше нашата работа. Со новиот Закон се обезбедуваат средства за работата на обвинителството во висина од најмалку 0,4 отсто од Буџетот на државата. Финансиската сигурност во работењето е претпоставка, не само за подоброто и ефикасно функционирање, туку е воедно и гаранција за зајакнување на самостојноста во постапувањето на обвинителството.
Натаму, Законот пропишува јасна одговорност во работењето на јавниот обвинител, ја зајакнува неговата самостојност, така што очекувам професионалноста и одговорноста на јавните обвинители да придонесе за зголемување на ефикасноста. Со Законот се воведува кариерата како услов за напредување на јавните обвинители од пониските кон повисоките обвинителства, односно во повисоко обвинителство може да се избере само обвинител кој има искуство во работењето во пониските обвинителства. Се зајакнува стручноста и се изоструваат критериумите за вршителот на функција јавен обвинител. Сето ова очекувано ќе придонесе кон зголемување на довербата на граѓаните во нашето постапување.
Во однос на организациската поставеност, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, според одредбите на новото законско решение, има финансиска самостојност, но и самостојност во делот на постапувањето по предметите. Значајна придобивка е и тоа што јавниот обвинител кој раководи со ова јавно обвинителство ќе биде избиран на непосредни избори од јавните обвинители, што е гаранција дека се отстрануваат секакви надворешни влијанија. Воедно ова ќе значи и ефикасност и непристрасност во гонењето на сторителите на тешките кривични дела и корупцијата.
За време на собраниската расправа по Законот изјавивте дека тој нуди силно, професионално и одговорно обвинителство. Дали обвинителската фела го дели вашето мислење? Сепак Законот за ЈО нуди механизми за спречување влијанија, но тоа не зависи од законските одредби, туку од самите јавни обвинители колку законитото, објективното и непристрасно ќе постапуваат.
Да, како што истакнав, Законот ги дава основите за силно, професионално и одговорно обвинителство. Постапувањето на јавните обвинители ќе биде предмет на оценка во постапка која со законот е обезбедена. Законот ги нуди механизмите за спречување на влијанија и зголемување на ефикасноста, кои наметнуваат единствено законито, објективно и непристрасно постапување. Зајакнувањето на самостојноста во работењето, обезбедувањето на критериуми за јавно обвинителската професија и почитувањето на кариерата како основ за натамошно напредување, верувам се мотив за јавните обвинители да максимално професионално и посветено да ја извршуваат својата одговорна функција. Само така пред јавноста ќе покажат дека во Јавното обвинителство има професионалци, компетентни лица ослободени од влијанија, луѓе спремни за борба со криминалот на кои новиот Закон и подобрите услови за работа им го отвора просторот за професионални стручни достигнувања и градење на авторитет.
Донесувањето на Законот во февруари годинава беше проследено со големи политички несогласувања помеѓу власта и опозицијата. Дали очекувате опструкции при неговата примена?
Не, не очекувам. И не гледам причина за тоа. Досега јавното обвинителство честопати беше мета на политички препукувања. Законот за јавно обвинителство, чија имплементација ја започнуваме, дава добра основа за јакнење на институцијата и професијата. Силно јавно обвинителство е потребно на нашето општество, на сите нас, на државата. Владеење на правото е темел на секоја демократија и еднаквост на граѓаните.
Обвинителе Јовески за релативно кратко време беше донесена пресуда за случајот „Рекет“? Судскиот процес заврши за шест месеци. За разлика од овој предмет, некои од случаите што ги поведе поранешното СЈО, а и презеде Јавното обвинителсто за организиран криминал и корупција се во застој или одложени, со образложение дека нема услови за судење поради корона кризата. До каде се тие случаи и кога може да се очекува нивно продолжување?
Обвинителите континуирано постапуваат по сите предмети. Зависно од фазата во која беше преземен секој од предметите, се продолжи со дејствијата и постапките течат. Здравствената криза донесе застој во сите области на живеењето, па така и во работењето на правосудните органи, што беше наметнато од приоритетот да се обезбеди здравјето на сите лица инволвирани во постапките. Напомнувам дека обвинителите постапуваат во предметите и по нив ќе се донесуваат одлуки за кои јавноста благовремено ќе биде запознаена.
Предметите на СЈО, Јавното обвинителство ги презема за да продолжат постапките и сторителите на кривични дела да ја добијат заслужената казна. Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница.