Тигањ за МИА: Горда сум што С.Македонија доби почеток на преговори за време на хрватското претседавање, очекуваме изборите да бидат фер и демократски

Хрватската амбасадорка во земјава Нивес Тигањ во интервју за МИА, по повод завршувањето на претседавањето на Хрватска со Советот на Европската Унија, вели дека е повеќе од горда што за време на претседавањето на нејзината земја со ЕУ, Северна Македонија доби одлука за почеток на преговори.

Тигањ, во интервјуто за МИА, вели дека земајќи го предвид огромниот исчекор што Северна Македонија го направи во последните неколку години, Хрватска со големо разочарување ја доживеа одлуката на Европскиот совет од октомври 2019 година. -Така што, покрај веќе дефинираните приоритети на претседавањето на Хрватска со Советот на ЕУ, една од нашите клучни задачи за време на нашето претседавање беше да се исправи неправдата сторена на Северна Македонија, рече хрватската амбасадорка во земјава.

Хрватска, како што истакнува Тигањ, и покрај корона кризата, сепак успеа да го врати фокусот на ЕУ кон Западен Балкан, со што обезбеди планот за проширување на ЕУ да остане високо на агендата на ЕУ и по завршувањето на хрватското претседавање.

Во врска со претстојните избори, и дали тоа би влијаело на одржувањето на првата Меѓувладина конференција, Тигањ вели Северна Македонија јасно се определи за членство во Европската Унија, што подразбира консензус на сите политички партии за ова прашање и затоа и овие избори, како што вели, се само еден фестивал на демократијата за кои очекуваме дека ќе бидат спроведени во фер и демократска атмосфера.

Одлуката во март за започнување преговори за членство со Северна Македонија, како што кажа и Вашиот премиер Андреј Пленковиќ, ќе остане запишана во историјата како политичко наследство на хрватското претседавање со ЕУ. Дали сметате дека токму поради заложбите и лобирањето на Хрватска за целиот регион, се случи по 15 години да добиеме почеток на преговори?

Република Хрватска и пред да го преземе претседавањето со Советот на Европската Унија силно го поддржуваше евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија. Земајќи го предвид огромниот исчекор што Северна Македонија го направи во последните неколку години, Хрватска со големо разочарување ја доживеа одлуката на Европскиот совет од октомври 2019 година. Така што, покрај веќе дефинираните приоритети на претседавањето на Хрватска со Советот на ЕУ, една од нашите клучни задачи за време на нашето претседавање беше да се исправи неправдата сторена на Северна Македонија. И со гордост можеме да кажеме дека е и – исполнета. Непотребно е да се кажува колку и е важно на Хрватска земјите од нејзиното опкружување да го продолжат својот транзициски пат кон полноправно членство во Европската Унија. Затоа, Република Хрватска уште од самиот почеток на своето претседавање силно се ангажираше за постигнување консензус на сите држави членки на ЕУ, уверувајќи ги своите европски партнери дека Северна Македонија повеќе не смее да остане во чекалната, туку да добие шанса за натамошно продолжување на реформските процеси. Освен одлуката за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија, Хрватска успеа да го врати фокусот на ЕУ кон земјите од Западен Балкан и обезбеди планот за проширување на ЕУ да остане високо на агендата на ЕУ и по завршувањето на хрватското претседавање.

Преговарачката рамка за Северна Македонија ќе биде првата што се носи со новата методологија. Какви се Вашите искуства? Колку време беше потребно да се постигне консензус меѓу земјите-членки за преговарачката рамка на Хрватска?

-Во март 2005 година, Советот на Европската Унија ја донесе Преговарачката рамка за преговори со Република Хрватска. Преговарачката рамка на Република Хрватска е усвоена во септември истата година. Со одржување на првата Меѓувладина конференција меѓу земјите-членки на ЕУ и Република Хрватска на 3 октомври 2005 година, преговорите и формално започнаа. Нема јасни правила, се работи за индивидуален пристап кон секоја одделна земја. И тука секако морам да ја напоменам натамошната поддршка на Република Хрватска при усогласувањето на предлог-текстот на Преговарачката рамка меѓу земјите членки на ЕУ, а со што ќе се отвори пат за одржување на првата Меѓувладина конференција, со која Северна Македонија би ги почнала преговорите.

Дали сметате дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи до крајот на годината, колку е тоа реалистично со оглед дека се уште сме во исчекување на Преговарачката рамка?

Верувам дека сите држави членки се длабоко свесни колку Северна Македонија долго чекаше на овој момент, па оттука се очекува дека овој период на изработка и усогласување на текстот на Преговарачката рамка не би требало долго да трае.

Дали првата меѓувладина конференција, односно стартот на преговори, би зависела од изборите што ќе се одржат на 15 јули?

Северна Македонија јасно се определи за членство во Европската Унија, што подразбира консензус на сите политички партии за ова прашање. Значи, верувам дека без оглед на претстојните парламентарни избори, како и кои било други што ќе уследат во текот на преговарачкиот процес на Северна Македонија, ниту една политичка опција нема да го доведе во прашање тој процес. Затоа и овие избори се само еден фестивал на демократијата и на повеќепартискиот систем, за кои очекуваме дека ќе бидат спроведени во фер и демократска атмосфера.

Дел од Вашето претседавање се случуваше среде пандемија. И покрај тоа, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји рече дека на Самитот ЕУ-Западен Балкан во мај е испратен сериозен сигнал за европската перспектива на регионот. Дали со тоа сметате дека успешно ја исполнивте една од целите на Вашето претседателство, а тоа е јасна европска перспектива на регионот, заокружена со одлука за преговори на С.Македонија и Албанија?

И покрај кризата без преседан во која се одвиваше поголем дел од хрватското претседавање, Хрватска е повеќе од горда на тоа што ги исполни клучните приоритети кои, како што и самите констатиравте, се заокружени со одлуката за отворање преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија. Иако пандемијата со коронавирусот речиси преку ноќ наметна други приоритети кои бараа брзи реакции и одговори, Хрватска промптно и успешно одговори на новонастанатата ситуација, останувајќи при тоа посветена на спроведувањето на дефинираната програма на своето претседателство.  Загрепскиот самит е токму доказ на нашата одлука на доследната политика на нашето претседавање, коешто уште еднаш ја потврди европската перспектива на земјите од регионот и ги дефинира идните односи на ЕУ и земјите од Западен Балкан.

Како ја оценувате досегашната билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Хрватска?

-Билатералните односи меѓу нашите две земји ги оценувам како одлични. Станува збор за традиционално пријателски односи, неоптоварени со отворени прашања. Заради тоа, потенцијалите за јакнење на таа соработка се поголеми. Хрватска е заинтересирана за унапредување на соработката во разни области како што се образование, здравство, култура, туризам, земјоделство… Исто така, економијата е едно од клучните подрачја кои треба да ги унапредиме. Постојат низа хрватски компании кои имаат интерес да работат на македонскиот пазар. Секако тука се и нашите национални заедници кои даваат посебен придонес кон квалитетот на нашите севкупни билатерални односи. Би сакала да видам дека правата и положбата на хрватската заедница во Северна Македонија се еднакви на правата и положбата што ги ужива македонската заедница во Република Хрватска. Без оглед на поинаквиот начин на делување, што ни го наметна корона кризата, ќе останам посветена на натамошното унапредување на нашите односи во сите области од заеднички интерес.

Какви се Вашите досегашни впечатоци откако дојдовте на местото амбасадор на Хрватска во земјава?

-Северна Македонија е прекрасна земја. Богатството од различности, природни убавини, богатата гастрономска понуда, едноставноста на живеење, ја прават навистина посебна. Со оглед на тоа што претставувам земја која е блиска и пријателска на Северна Македонија, мојот престој тука е дополнително попријатен.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *