Над 6000 дијагностицирани со Ковид-19, активни се 3479

Бројот на дијагностицирани со Ковид-19 во земјава надмина 6000, а и натаму продолжува трендот на трицифрен број новозаболени, како и секојдневниот црн биланс на пациентите кои ја губат битката со коронавирусот.

Од почетокот на месецов евидентирани се 3854 позитивни и 154 починати. Само четири дена беа со помалку од 100 дијагностицирани – на 1 јуни 89, на 2 јуни 76, на 9 јуни 87 и на 22 јуни 90. Рекордот на заболени беше на 13 јуни со 194, а најмногу умрени имаше на 20 јуни – 11.

Поголем е и бројот на активните случаи од излекуваните. Активни во моментов се 3479, а од корона се излекувани 2315. Починати досега се 286, од кои девет само во текот на вчерашниот ден. Вчера беа регистрирани 176 новозаразени, повторно најмногу во Скопје, 61, кое веќе неколку недели е најголемото жариште во земјава. Во главниот град досега има 2951 потврден случај, а активни се 1978. По Скопје, најмногу заразени има во Тетово 367, Куманово 283, Штип 176, Охрид 139, Струга 131 и во Ресен 92.

Без ниеден болен во моментов, според статистиката на Институтот за јавно здравје, се само Радовиш, Берово, Делчево и Виница.

Се зголемува и бројот на хоспитализирани пациенти. На Инфективната клиника до вчера беа хоспитализирани 98 пациенти, во болницата во Козле 19, и во ГОБ „8 Септември“ 129 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 39, во болницата во Штип 28, а на инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се лекуваат 80 позитивни на Ковид-19. На респираторна машина се девет пациенти.

Надлежните уверуваат дека и покрај зголемената бројка на заболени и хоспитализирани, ситуацијата добро се менаџира, а здравствениот систем има капацитет да ги прими сите пациенти. Располага со доволно болнички кревети и со доволно кадар – лекари и медицински сестри. Велат и дека во моментов нема индикација за воведување дополнителни рестриктивни мерки.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека болниците почнуваат да ја нормализираат работата. Направен е план за работа и распоред на пациентите кои беа одложени заради Ковид кризата. Кон крајот на неделава се очекува на дел од клиниките и за некои интервеници да почне да функционира и системот „Мој термин“. За останатите клиники ќе се почека, за да се види како ќе се одвива интензитетот на дијагностицирање на нови пациенти од коронавирусот.

Зголемен број на заболени деновиве бележат и соседните земји. Во Србија вчера имаше нови 254 позитивни, во Бугарија 112, Косово, 96, Албанија 72, Хрватска 67,…

Пандемијата на Ковид-19 не стивнува ниту во светот. Бројот на заразени надмина 10 милиони, а повеќе од 500 илјади починаа. Најмногу заболени има во САД 2,6 милиони, Бразил, 1,26 милиони,  Русија 635 илјади и Индија 547 илјади.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *