На вториот ден од почетокот на кампањата за предвремените парламентарни избори, што ќе се одржат на 15 јули, носителот на листата во Изборната единица 4 од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Александар Николоски денеска ги повика гевгеличани да одберат обнова на Македонија за која, нагласи, се темели на пет столба.
Потенцира дека првиот стоб е заштитата на македонските национални интереси, вториот е силен економски развој без кој нема и заштита на националните интереси, третиот се темели на функционално владеење на правото односно на функционална правна држава и борба против организираниот криминал и корупција,четвртиот се однесува на подобрување на условите во образованието и петтиот столб е посветен на подобрување на условите во здравството и социјалната грижа.
– Имаме план во наредните четири години невработеноста да падна под 10 отсто, платите да пораснат за најмалку 25 отсто, пензиите да растат помеѓу 25 и 50 отсто зависно од висината, да се зголемат субвенциите во земјоделието, како и да се намалат даноците на рекордно ниско ниво од само 8 отсто рамен данок, данок на профит и персоналниот данок, рече Николоски.
Тој очекува во наредниот период Гевгелија да доживее процут во прекуграничната соработка затоа што моментно градот е на петто место со педесетина илјади туристи кои доаѓаат годишно и очекува таа бројка да се зголемува за 25 отсто на годишно ниво,силно да се стимулираат младите за отворање свои бизниси, како и инвестирање во туризмот и земјоделството.
Во однос на изборите Александар Николоски изрази надеж дека ќе бидат фер и демократски, но оти лично не очекува тоа да се случи затоа што на ден пред почетокот на кампањата прв пат во историјата на Македонија, без конензус со опозицијата, подвлече, без разлика кој бил во опозиција, се смени изборниот законик и буџетот за нејзино претставување во кампањата се намали за 50 отсто.
За отворањето на границите, Николоски смета дека одлуката е политичка и обична манипулација затоа што врвни стручњаци од Комисијата за здравство биле изманипулирани за партиски цели.