Почнува изборната кампања за предвремените парламентарни избори на 15 јули

Дваесетдневната кампања за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија закажани за 15 јули започнува денеска и ќе трае до 12 јули на полноќ, по што следува тридневен молк. Ова се најспецифичните избори што ќе се одржат во земјата имајќи ја предвид ситуацијата со Ковид-19 и мерките што учесниците, гласачите и изборната администрација треба да ги почитуваат за да си го заштитат здравјето.

Партиите сите без исклучок се залагаат за фер, демократски и слободни избори со почитување на мерките за заштита.

На парламентарните избори учествуваат 15 коалиции и политички партии, од кои најголем дел веќе ги почнаа своите активности со промоција на програмите и теренски посети и средби со граѓани.

Кампањата ќе трае до 12 јули на полноќ, кога ќе настапи тридневен молк. На 13 јули ќе гласаат болните од Ковид-19, и лицата во карантин и во самоизолација, но само оние што седум дена претходно ќе се пријават за тоа. Сите останати кои до денот на гласање ќе бидат потврдени како позитивни или ќе одат во самоизолација нема да можат да гласаат на 15 јули. На 14 јули ќе гласаат болните и изнемоштените, како и затворениците и лицата кои се во притвор. Гласањето на 15 јули почнува во 7 часот наутро и ќе биде два часа продолжено и завршува во 21:00 часот.

Партиите најавуваат кампања согласно мерките за заштита од Ковид -19, без големи собири и митинзи, со фокус на интернет презентација на програмите и преку електронските медиуми. Средби со граѓани ќе има и тоа на отворен простор со најмногу 50 лица, а во затворени простории со 30 лица и со почитување на дистанца и носење маски.

Подносителите на листите за кандидати можат да поднесат приговор за непочитување на одредбите за изборната кампања, за што ДИК мора да одлучува во рок од 72 часа од поднесувањето на приговорот. Против одлуката на ДИК, подносителот има право на жалба до Управниот суд во рок од 48 часа од приемот на одлуката, а Судот има рок од 72 часа да одлучи по приемот на тужбата.

Учесниците во изборната кампања не можат да нарачаат платено политичко рекламирање во медиумите кои не се пријавиле во Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и интернет портали и да ги исплати од сметка на трансакциската сметка за изборна кампања.

Државната изборна комисија се очекува најдоцна до утре да ги формира здравствените избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на 13 јули на лицата со Ковид-19, во карантин или во самоизолација, а исто така треба да бидат донесени и упатства согласно Протоколите на здравствените власти за мерките за заштита од Ковид -19.

Избирачкиот список, Државната изборна комисија треба да го заклучи најдоцна до 4 јули, а претходно свои забелешки до Комисијата треба да достават политичките партии. На овие избори, гласање нема да има во дијаспората каде што се пријавија помалку од потребниот број македонски државјани за гласање. Но, во Избирачкиот список ќе бидат внесени лицата со наполнети 18 години до денот на гласање.

На изборите ќе можат да гласаат само полнолетни граѓани со важечки лични документи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *