Хотелиерите очекуваат успешна сезона преку искористеност на ваучерите за домашен туризам

Хотелиерите се надеваат на успешна туристичка сезона, иако се свесни дека ништо нема да биде како порано. Тие денеска, на средбата со вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и заменик-министерот за економија Кирил Колемишевски, истакнаа дека имаат нов начин на работа и структура на гости.

-Се надеваме на успешна туристичка сезона, свесни сме дека нема ништо да биде како порано. Имаме нов начин на работа и структура на гости. Очекуваме домашниот туризам да заземе голема бројка во оваа сезона. Се надеваме на успешна сезона, преку искористеност на ваучерите за туризам, доделени преку Владата на граѓаните. Подготвено го очекуваме почетокот на туристичката сезона, рече управителот на хотел Гранит, Перо Кутаноски, во име на хотелиерите од Охрид, Струга и здружението Хотам.

Кутаноски истакна дека хотелиерите се потполно подготвени да работат во согласност со усвоените протоколи за кои и самите, како што додаде, помогнале во изработката.

Вицепремиерката рече дека средбата со хотелиерите е искористена за да се продискутира правилната примена на протоколите за отворање и работа на хотелите и другите сместувачки капацитети, во насока на превенција и спречување на ширењето на коронавирусот КОВИД- 19, како и за актуелната кампања „Дома си е дома“ и за наредните чекори за опоравување на туризмот, како една значајна економска гранка, особено во овој регион.

-Владата додели ваучери за туризам на повеќе од 100 илјади граѓани, половината се веќе доставени до граѓаните, а втората половина се очекува да биде дистрибуирана многу скоро. Целта е нашите сограѓани да ги искористат домашните сместувачки капацитети, за време на годишните одмори, што секој еден граѓанин и работник треба да го има во текот на една година, а воедно ќе ги помогнеме хотелите и угостителите, кои со месеци беа затворени поради одлуките на Владата за полесно справување со коронавирусот, рече Царовска.

Таа нагласи дека со правилно почитување на протоколите, со добра комуникација помеѓу Владата и компаниите од туристичкиот сектор, директно ќе се влијае на опоравување на економијата на земјата и на привлекување на домашните туристи помасовно и почесто да ги посетуваат домашните туристички локации.

Заменик-министерот Колемишевски потсети дека над 100 илјади лица со месечен приход кој не надминува 15.000 денари, ќе добијат ваучери за туризам што ќе може да ги искористат во домашни сместувачки капацитети и дополнителна картичка со 3.000 денари за купување на домашни производи и услуги, со што директно се помага на раздвижување на македонската економија.

-Со овие две мерки се овозможува поддршка за домашната економија, особено за туристичкиот сектор, кој претрпе сериозни загуби од почетокот на корона кризата. Ќе се обидеме и понатаму да им излеземе во пресрет на хотелиерите и на граѓаните да може да уживаат во македонските туристички места, своите средства да ги трошат токму тука, а со тоа да ја развиваат и домашната економија, нагласи Колемишевски.

Царовска и Колемишевски денеска во Охрид се сретнаа и со членовите на здружението на пензионери, како и со претставници на граѓански организации.