Сите држави во светот поради пандемијата ќе се соочат со намалување на приходите по глава на жител, а ваквата состојба бара силна реакција од носителите на политиките. Владата на Северна Македонија делуваше брзо и спроведе времени мерки, а клучна улога имаше и Народната банка.
Ова го истакнуваат шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу и резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле, во интервју за МИА.
-Во Северна Македонија, техничката Влада делуваше брзо и спроведе времени мерки за поддршка на ликвидноста на фирмите, за заштита на работните места и помош на оние на кои тоа им е најмногу потребно, истакнуваат во интервјуто.
Додаваат дека сите овие мерки ќе помогнат да се ограничи социјалниот и економскиот ефект на пандемијата.
-Нивните фискални трошоци, кои изнесуваат околу 2 проценти од БДП, се нешто со кое може да се управува. Владата направи буџетски заштеди кај повеќе различни категории на трошоци, при што успешното издавање еврообврзница, заедно со финансиската поддршка овозможена од ММФ, Светската банка и Европската Унија се очекува да ги покријат финансиските потреби на државата во текот на годинава, наведуваат во интервјуто.
За Народната банка потенцираат дека имала клучна улога во реагирањето на корона кризата. Таа, оценуваат, успешно го искористи својот маневарски простор и ја поддржа економијата, истовремено зачувувајќи ја финансиската стабилност.
Оценуваат дека во изминатите децении се потврди дека фиксниот курс на денарот во однос на еврото е соодветен за македонската економија, претставувајќи клучно сидро на макроекономските политики. Бјорнсон Баркбу и Ебле потенцираат дека показателите што ги следи ММФ, покажуваат дека Северна Македонија влезе во кризата со силна позиција на девизните резерви, како и дека нивото на резервите ќе остане адекватно, што ја поддржува стабилноста на денарот.
Имајќи предвид дека стапката на инфлација ќе остане ниска, меѓународните монетарци очекуваат монетарната политика кај нас и натаму да биде релаксирана, со што Народната банка ќе го поддржи економското заздравување.
Во интервјуто, Бјорнсон Баркбу и Ебле посочуваат дека во изминативе години, нашиот банкарски систем ја зајакна својата капитална позиција и ја споделуваат оцената на ММФ дека тој е подготвен да поднесе значителен макрофинансиски шок.
Пандемијата со коронавирусот не ја одмина и Република Северна Македонија. Тоа има влијание и врз економијата. Мерки се преземаат за поддршка на економијата и за заштита на работните места. Каква е вашата оценка за мерките што ги презема Владата, дали се тие доволни и дали има капацитет Буџетот за таквата поддршка?
– Економските податоци укажуваат на досега незабележано намалување на глобалната економска активност, предизвикано од пандемијата. Проекциите на ММФ покажуваат дека 170 држави (речиси 90 проценти од светот) ќе се соочат со намалување на приходите по глава на жител до крајот на 2020 година. Ваквата состојба бара силна реакција од носителите на политиките.
Во Северна Македонија, техничката Влада делуваше брзо и спроведе времени мерки за поддршка на ликвидноста на фирмите, за заштита на работните места и помош на оние на кои тоа им е најмногу потребно. Како што веќе знаете, се работи за субвенции за плати и придонеси во приватниот сектор, одложување на плаќањето на данок на добивка, кредити под поволни услови и гаранции за кредити, како и поддршка по конкретни сектори. Освен тоа, лицата кои се најзагрозени ќе добијат финансиска поддршка преку постојните шеми за социјална помош и кеш ваучери.
Сите овие мерки ќе помогнат да се ограничи социјалниот и економскиот ефект на пандемијата. Нивните фискални трошоци (кои изнесуваат околу 2 проценти од БДП) се нешто со кое може да се управува. Владата направи буџетски заштеди кај повеќе различни категории на трошоци, при што успешното издавање еврообврзница, заедно со финансиската поддршка овозможена од ММФ, Светската банка и Европската Унија се очекува да ги покријат финансиските потреби на државата во текот на годинава.
Може ли оценка за монетарните мерки коишто досега се преземени во Северна Македонија, во текот на корона-кризата и дали тие би овозможиле поддршка за македонската економија и во претстојниот период?
– Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) имаше клучна улога во реагирањето на оваа криза. Таа успешно го искористи својот маневарски простор и ја поддржа економијата, истовремено зачувувајќи ја финансиската стабилност.
Поконкретно, намалувањето на каматната стапка на благајничките записи и намалувањето на нивниот износ помогнаа да се ограничи зголемувањето на трошоците за финансирање и овозможија дополнителна ликвидност за економијата. Мерките на монетарната политика беа дополнети со мерки во финансискиот сектор, коишто ги поттикнаа банките да ги реструктурираат кредитите и со тоа да овозможат времено намалување на товарот на кредитокорисниците погодени од пандемијата.
Имајќи предвид дека инфлацијата останува на ниско ниво, очекуваме монетарната политика да остане релаксирана, и со тоа да го поддржи економското заздравување.
Кој е вашиот став за фиксниот курс на денарот во однос на еврото и неговата соодветност за македонската економија? Кои се вашите очекувања во врска со стабилноста на курсот на нашата валута и во тој контекст за нивото на девизните резерви?
– Режимот на де факто фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото е нешто што е корисно за земјата веќе неколку децении, претставувајќи клучно сидро на макроекономските политики. Знаеме дека НБРСМ останува силно посветена на одржување на стабилноста на девизниот курс.
Девизните резерви ја поткрепуваат оваа заложба на НБРСМ. Врз основа на различни показатели, сметаме дека девизните резерви се адекватни. Ако ја погледнеме покриеноста на увозот, резервите се очекува да покријат 4,6 месеци од проектираниот увоз до крајот од 2020 година, дури и според основната проекција, којашто претпоставува значително намалување на БДП, на приливот на странски инвестиции и на дознаките, предизвикано од пандемијата.
ММФ исто така користи показатели кои претставуваат комбинација од разни извори на ризик за девизните резерви (извоз, краткорочен долг, парична маса и други надворешни обврски), за да направи проценка на адекватноста на резервите, при што ниво од 100 проценти, или над тоа се смета за адекватно. Можеме да видиме дека Северна Македонија влезе во корона-кризата со силна позиција на девизните резерви – со покриеност од 118 проценти, а покриеноста се проектира да остане адекватна во текот на 2020 година, на ниво од 106 проценти.
Често се споменува дека и во посткризниот период, клучна поддршка за македонската економија ќе испорача банкарскиот сектор. Кој е Вашиот став околу подготвеноста на нашиот банкарски сектор за одговори на шокот од корона-кризата?
– Во изминативе години, банките ја зајакнаа својата капитална позиција, при што на крајот од 2019 година, стапката на основен капитал изнесуваше 14,8 проценти, а и со релативно ниско ниво на нефункционални кредити.
Овие бафери сега претставуваат важна одбрана од можни загуби. ММФ направи сеопфатна оцена на финансиската стабилност во 2018 година, при што констатираше дека банкарскиот систем би можел да поднесе значителен макрофинансиски шок, во смисла на тоа дека потребите од докапитализација би биле ограничени.
Дали и во натамошниот период може да се очекува поддршка од ММФ за македонската економија, по веќе испорачаната поддршка преку Инструментот за брзо финансирање?
– Северна Македонија е една од 70 држави кои досега добија итна финансиска помош од ММФ. Како што веќе знаете, нашиот Извршен одбор, согласно со Инструментот за брзо финансирање (Rapid Financing Instrument – RFI) на 10 април одобри износ од 140 милиони SDR (околу 173 милиони евра ако се земеме предвид денешниот курс). Остануваме подготвени да овозможиме дополнителна поддршка за државата, ако има потреба од тоа.