„Витаминка“ го купи „Брилијант“ за 7,3 милиони евра

Прехранбената индустрија „Витаминка“ Прилеп со Комерцијална Банка ад Скопје денеска  потпиша договор  за купопродажба на имотот на компанијата „Брилијант“ од Штип, во вкупна вредност од 7,3 милиони евра, соопштуваат од „Витаминка“.

Со тоа, во сопственост на прилепска „Витаминка“ преминува недвижен имот, односно објекти од 4.956 метри квадратни и земјиште со право на сопственост од 21.592 метри квадратни, потоа подвижен имот како и пренос на права од индустриска сопственост (трговски марки и индустриски дизајн).

Од „Витаминка“ велат дека целта на инвестицијата е долгорочно обезбедување суровинска база за производството и зацврстувањето на Друштвото како лидер во прехранбената индустрија во Македонија.

– Со денешниот договор започнуваме и конкретни чекори за реализирање на нашата деловна стратегија што ќе овозможи понатамошен долгорочен развој. Инвестицијата е во насока на модернизација и автоматизација на техничко- технолошките процеси, комплементарност и интегрирање во производството, како и развој на нова група производи. Правиме голем чекор напред што ќе значи поголема и подобрена деловност на компанијата, максимално искористување на потенцијалите и зацврстување на позицијата напазарот“, нагласуваат од „Витаминка“.

Од Комерцијална банка, која е продавач на имотот на „Брилијант“ од Штип велат дека се задоволни што една од најдобрите македонски компании во прехранбената индустрија, „Витаминка“, ја купи фабриката за масло за јадење „Брилијант“.

– Сметаме дека овој договор има пошироко значење за економијата и ќе претставува успешно искуство во промоцијата на домашното производство, наведуваат од „Комерцијална банка“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *