Караџоски: Има протокол за избори, никој не се заразува од гласање, туку од непочитување на мерките

Комисијата изготви протокол и тој е доставен до ДИК, но ние не можеме да проектираме во кој период може да има избори. Никој, никаде не го прекинал изборниот процес поради ковид. Никој нема да се зарази ако ги почитува мерките за заштита, вели претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Каџоски.

Тој во интервју за „Слободен печат“, посочува и дека заразата со ковид-19 не се шири со одење на гласање, туку со непочитување на мерките.

– Комисијата доби задача да изготви изборен протокол. Никој никогаш не ни рекол кога ќе бидат изборите. ДИК во полн состав беше повикана кај нас, а од нас беше побарано да им дадеме критериум за да се спроведе изборниот ден. Комисијата изготви протокол и тој е доставен до ДИК. Но, ние кажавме дека не можеме да проектираме во кој период може да има избори. Само кажавме кои критериуми треба да се задоволат за да се спроведат. И во соседството се подготвуваат за избори. Никој, никаде не го прекинал изборниот процес поради ковид. Затоа што никој во нашиот нормален живот нема да се зарази ако ги почитува мерките за заштита, за дистанца, ако носи маска или ако се дезинфицира. Значи, направивме протокол кој важи кога и да се одржат изборите, изјави Караџоски.

Комисијата за заразни болести по барање на претседателот Стево Пендаровски по лидерската средба во средината на минатиот месец, изготви протокол за одржување на изборите. Препорача строго придржување кон мерките за заштита, носење маски и ракавици, држење дистанца и дезинфекција во текот на кампањата и на денот на изборите, а ако е можно, и продлжување на периодот на гласање за два часа.

Пртоколот предвидува сите активности во кампањата и пред неа да се одвиваат исклучително почитувајќи ги физичката дистанца од 1,5 до 2 метра, миење и дезинфекција на рацете, носење заштитна маска или прекривка на устата и носот за време на сите партиски активности во затворени простории, но и на отворени кога нема да може да се држи дистанца.

На сите собири што се одржуваат на отворен и во затворен простор мора да се почитуваат мерките и да се користи разглас за да се избегне концентрација на повеќе лица на ист простор. При водењето кампања од врата на врата, мора да се носи заштитна опрема, да се држи дистанца од соговорниците, да не се влегува во домаќинствата туку само на врата или во дворови.

Партиските активности наместо во штабови да се спроведуваат на отворено, а ако е неопходно да се се внатре, да се почитуваат сите мерки, да не траат подолго од два часа и потоа да се проветрува, и да се врши секојдневна дезинфекција;

На пунктовите за рекламен материјал да не се собираат поголем број граѓани, а на еден штанд да има најмногу двајца активисти. Партискиот превоз да се се спроведува со средства за јавен превоз, искористеноста на капацитетот на возилото да биде 50 проценти и сите внатре да носат заштитна опрема, а превозниците да обезбедат средства за дезинфекција

Протоколот за денот на гласање предвидува членовите на избирачките одбори и набљудувачите да носат заштитни маски и ракавици, прозорците да бидат отворени или да се проветрува на секој час, да се дезинфицираат рацете. Гласачите треба да чекаат на дистанца од два метра, при влегување на избирачко место да се дезинфицираат рацете, да се носи заштитна опрема, при давањето лична карта кратко да се тргне маската за идентификација, по гласање повторно да ги дезинфицираат рацете. Во просторијата да нема повеќе гласачи од бројот на боксови за гласање. Комисијата, исто така, препорача, ако е можно, да се продожи времето на гласање за два часа.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *