85 години од животот и делото на Гојко Јаковлевски

На Гојко Јаковлески не му било лесно да ја донесе  одлуката да остане во Германија, зошто Македонија или Германија – тоа било прашањето. Во Македонија требало да положи само уште два испита за да дипломира на Шумарскиот факултет и да стане шумарски инженер, а тоа гарантирало дека ќе има сигурна егзистенција во родниот крај. Но, сепак, кај него преовладала желбата за неизвесност, сакал да го почувствува животот во туѓина, оној живот што го живееле некогаш неговите предци.

Кога веќе решил да остане, веднаш ја напуштил градежната фирма во Минхен и заминал во логорот „Цирндорф“, недалеку од Нирнберг. Тој е град во германската покраина Баварија, во административниот округ Средна Франконија. Сместен на реката Пегниц и каналот Рајна-Мајна-Дунав, се наоѓа на околу 170 километри северно од Минхен и е најголем град во Франконија.

Таму бил одржан Нирнбершкиот процес (или Нирнбершките судења), назив за судењата на истакнати членови на политичкото, военото и економското водство на Третиот рајх. Судењата биле одржани од 1945 до 1949 година, во Нирнбершката палата на правдата. Првото и најпознатото од овие судења било Судењето на главните воени злосторници на меѓународниот воен трибунал, коешто судело 24 лица од најважните заробени водачи во нацистичка Германија.

Според кажувањата на Гојко, во логорот имало бегалци од таканаречените „комунистички држави“. Најмногу бегалци имало од Полска, Чехословачка, имало многу Руси, Украинци, Романци, а од Југославија најмногу имало Хрвати, Срби, потоа Црногорци, Босанци, Словенци, Албанци. Со еден збор речено, имало бегалци од цела Источна Европа.

Меѓу другото, во логорот имало разни организации – хуманитарни, црковни и секој морал да се произнесе каде сака, во која земја да се исели. А, во Германија им било дозволено да останат само оние бегалци кои можеле да докажат дека биле затворани или прогонувани поради нивните политички или религиозни определби и ангажмани. Значи, можеле да останат само оние кои имале право на азил според Женевската конвенција од 1954 година.

Процедурата траела пет до шест месеци и за тоа време никој немал право да го напушти логорот. По извесно време, Гојко бил повикан на разговор во конзулатот на САД во Франкфурт, бидејќи во логорот изразил желба дека сака да се исели во Америка. Сметал дека таму ќе му биде најдобро, бидејќи во Чикаго имал свои роднини. Но, и покрај неговата желба не добил иселеничка виза за САД. Затоа Гојко се префрлил во најблиското гратче Хомбург – Саар.

 

Во меѓувреме, од Министерството за образование и култура од Минхен го известиле дека му ја нострифицирале дипломата за завршена гимназија и му признале два семестра од студиите на Шумарскиот факултет во Скопје. Тоа многу го израдувало и Хомбург – Саар станал негов следен град за живеење. Тој  е универзитетски град во Сар и административно седиште на округот Сар-Пфалц, недалеку од границата со Франција. Тој е познат по Медицинскиот оддел на Универзитетот во Сар. Градот, исто така, е познат по фабриката за пиво Калзберг.

Со запишувањето на Медицинскиот факултет  му се остварила неговата прва желба да стане лекар. Но, истовремено, тоа му дало нов поттик да продолжи да се бори, да успее во моќната германска држава која им давала широки можности на сите оние што сакале да се школуваат и да работат. Во моментите кога му било најтешко, го водела единствената мисла дека животот мора да се живее и дека и понатаму треба да продолжи со истиот ентузијазам.

Додека бил во Хомбург – Саар на Медицинскиот факултет,  со голем успех ги положил испитите од првите две години. Истовремено, слободното време го користел за читање книги преку кои се запознавал со историјата и културните посебности на Германија, но и со актуелните општествено-политички и економски прилики на државата. Тоа го правел со голема љубов, бидејќи се определил животот да го помине во оваа демократска земја, која се темелела на заштитата на сопственоста на имотот и слободата на говорот.

Проучувајќи го минатото на Германија, Гојко дошол до сознание дека Западен Берлин е град со специфично минато и сегашност и дека по многу нешта се разликува од сите градови во Европа. Тој е меѓународен, космополитски град и град на културата, со исклучително жива квалитетна и разновидна театарска, уметничка и музичка понуда. Токму тоа беше голем предизвик. Затоа, во октомври 1965 година го напуштил Хомбург и заминал во Западен Берлин за да го запознае и таму да ја побара среќата. Тоа не значело дека се откажува од студирањето на Медицинскиот факултет.

Кога Гојко стасал во Германија во 1961 година, Берлин со бетонски ѕид бил поделен на Источен и на Западен Берлин. Тој не можел да сфати како градот кој пред тоа бил една целина може да функционира и да опстојува поделен на два дела, со висок ѕид и бодлива жица.

Во тоа време со Берлин владееле четири држави. Со Западен Берлин управувале западните сојузници: САД, Велика Британија и СР Германија, а со Источен – Демократска Германска Република под силно влијание на СССР (Сојузот на Советските Социјалистички Републики). По германското обединување во 1990 година, градот си го вратил својот статус како главен град на Германија и домаќин на околу 150 странски амбасади.

Инаку, денес Берлин е главен град на Германија и една од нејзините шеснаесет покраини. Со население од околу 5 милиони жители, Берлин е најголемиот град во Германија. Тој е втор најнаселен град и осма најнаселена урбана област во Европската Унија. Се наоѓа во Североисточна Германија и е центар на Метрополитенската област Берлин-Бранденбург. Географски, градот се наоѓа во Европската рамница и затоа е под влијание на умерената сезонска клима. Околу една третина од територијата на градот ја сочинуваат шуми, паркови, градини, реки и езера.

Првите податоци за градот потекнуваат од XIII век. Берлин, едноподруго, бил главен град на Кралството Прусија (1701-1918), на Германското Царство (1871-1918), на Вајмарската Република (1919-1933) и на Третиот Рајх (1933-1945). Во текот на 20-тите години на минатиот век, Берлин бил трето градско подрачје по големина во светот.

Градот имал турбулентна историја во XX век, потсетувајќи на  холокаустот и графитните остатоци на Берлинскиот ѕид. Во него во XVIII век била изградена Бранденбуршката порта која станала симбол на обединувањето. Берлин, исто така, е познат по неговите обележја од уметничкото живеење, особено по Берлинер филхармонијата, изградена во 1963 година.

Берлин е светски град на културата, политиката, медиумите и науката. Неговата економија, првенствено, се заснова на услужниот сектор и опфаќа разновиден спектар на креативни индустрии, медиумски корпорации, конгресни и конвенциски центри. Берлин претставува континентален центар за воздушниот и железничкиот сообраќај и еден од најпосетените туристички центри во Европската Унија. Значајни индустриски гранки во градот се: информатичката технологија, фармацевтското производство, биомедицинското инженерство, биотехнологијата, оптоелектрониката, сообраќајниот инженеринг и обновливата енергија.

Метрополата е дом на светски реномирани универзитети, истражувачки институти, спортски настани, оркестри, музеи, а во неа живеат и многу познати личности. Со своето урбано и историско наследство, градот ги привлекува и меѓународните филмски продукции. Берлин е познат по своите фестивали, разновидната архитектура, ноќниот живот, современата уметност, јавната сообраќајна мрежа како и по високиот квалитет на живеење. Либералниот начин на живеење и модерниот дух на времето ги привлекува младите луѓе и уметниците од целиот свет.

 

Затоа и Гојко дошол и планирал да остане неколку месеци во тогашниот Западен Берлин. Си велел дека ако не успеел да се запише на Медицинскиот факултет во овој град за да ги продолжи студиите и ако не најде соодветна работа, ќе се врати повторно во Хомбург. И така Гојко храбро тргнал во неизвесност во овој непознат град за него, што се викал Берлин.

Тогаш првпат го видел Берлин. Таму не познавал никого, ниту, пак, имал некаква препорака да се јави кај некој нашинец за да му помогне додека да се снајде. Верувал во себе, знаел дека може сам да се снајде и со труд и работа да успее.

Тогаш и не можел да сфати дека Берлин ќе му биде неговото идно живеалиште, дека таму ќе навлезе во бизнис-водите, ќе формира семејство со сите нишани, дека Берлин ќе му биде и радост и тага и успех и неуспех во работата и животот, дека таму ќе му се отвори среќата за подобар и посреќен живот, во кој ќе му се збогати и зголеми љубовта кон Македонија, продолжувајќи ја семејната печалбарска судбина.

Продолжува

KatiN

Пишува: СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *