Кумановското обвинителство ја отфрли кривичната пријава против градоначалникот и раководителот на ЦУК

Јавното обвинителство соопшти дека по сеопфатно проучување на наводите во кривичната пријава поднесена од СВР-Куманово против градоначалникот на Куманово и раководителот на кумановскиот Центар за управување со кризи за сторено кривично дело „Непостапување според здравствените прописи“, донесено е решение за отфрлање на кривичната пријава поради тоа што не се утврдени елементи на сторени кривични дела кои се гонат по службена должност.

Кривичната пријава во обвинителството била поднесена на 24 април 2020 година против две лица, со наводи дека лицата за време на епидемија на опасната заразна болест постапиле спротивно на здравствените прописи, на начин што откако претходно биле тестирани и им било дијагностицирано присуство на вирусот Ковид-19, по што добиле и Решенија за задолжително домашно лекување и изолација, се упатиле на тестирање  во Скопје во три приватни лабаратории, иако не смееле да го напуштаат просторот каде биле сместени.

– По разгледување на пријавата и извршената анализа на сите докази приложени кон неа, како и по извршени дејствија за утврдување на факти во предметот, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово констатираше дека пријавените како асимптоматски носители на вирусот и лица кои поради нивната здравствена состојба спаѓаат во група на висикоризичи пациенти, откако ги добиле решенијата за задолжителна самоизолација и домашно лекување побарале дополнително тестирање и второ стручно мислење за сопствената здравствена состојба, што е согласно член 9 став 1 од Законот за заштита на правата на пациентите, се вели во соопштението.

Притоа, пријавените извршиле консултација со матичните лекари и закажале контролен преглед на Инфективното одделение во Општата болница Куманово за 22 април 2020 година. Еден од пријавените, приватно ангажирал и платил од сопствена сметка амбулантно возило со кое утрината, истиот ден, двајцата пријавени биле превезени во Скопје и обратно за контролни тестирања во приватни болници и лабараторија. Превозот во амбулатното „ковид“ возило, велат од ЈО, бил извршен согласно медицинските протоколи, под целосна заштитна опрема на возачот и пациентите. Нивниот превоз, пријавените уредно го пријавиле телефонски на „192“ во Центарот за известување и командување при СВР Куманово, а согласно решенијата за домашна изолација каде стои дека „доколку лицето во текот на лекувањето и изолацијата во домашни услови има потреба од болничко лекување, претходно треба да се јави на телефонскиот број 192 со цел да му биде овозможено напуштање на домот.“

Откако им биле земени примероци, согласно медицинските протоколи, пријавените со истото амбулантно возило се вратиле назад во Куманово, каде веднаш во Инфективното одделение во Општата болница им биле земени примероци на крв за анализа, бил извршен преглед и рентгенско снимање.

Резултатите од извршеното тестирање во Скопје биле негативни, исто како и резултатите на извршено дополнително тестирање од страна на екипа од приватна болница која дошла во домовите на пријавените.

Пријавените, без оглед на негативниот резултат од тестирањата, останале во домашна изолација се до истекот на рокот од 14 дена и до добивање на два последователни негативни резултати од овластената лабараторија.

– Имајќи ги предвид сите преземени дејствија на пријавените, начинот на кои ги преземале и особено околностите во кои тие биле преземени, обвинителството утврди дека сосема е неспорно дека пријавените за време на епидемија на заразната болест не постапиле спротивно на ниту еден пропис или наредба со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување, односно дека во постапувањето на пријавените не се содржани елементи на сторено кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик, ниту пак на кое било друго кривично дело кое се гони по службена должност, поради што обвинителството го донесе решението за отфрлање на кривичната пријава, се вели во соопштението.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *