ГРЕКО бара реформи и конкретни резултати во Северна Македонија

Владите и носителите на јавни функции треба да бидат примерни во почитувањето на мерките за спречување на корупцијата и стандардите за транспарентност, вели антикорупциското тело на Советот на Европа – ГРЕКО, во својот годишен извештај објавен денеска.

Како што јави дописникот на МИА, во извештајот се разгледуваат мерките преземени во 2019 година во земјите членки на Советот на Европа за да се спречи корупцијата меѓу пратениците, судиите и обвинителите, како и во централните власти, пред се на носителите на високи извршни функции, и во репресивните органи.

Претседателот на ГРЕКО, Марин Мрчела претставувајќи го извештајот на онлајн прес-конференцијата, изрази загриженост за зголемениот број обвинувања во последните години за корупција во многу земји и тоа меѓу вршителите на јавни функции.

– Ниту една личност, ниту една држава или институција не е имуна на корупцијата. Политичките личности, каква и да е нивната припадност, треба да владеат со пример и да бидат примерни, тоа е исклучивоста што се очекува од нив. Политичарите треба да му служат на народот, а не да го управуваат, рече тој.

Во 2019 година, целосно бил спроведени 36 отсто од препораките дадени од ГРЕКО во рамките на четвртата рунда за проценка. Оние препораки кои се најмалку спроведени се однесуваат на пратениците (27 отсто), на судиите (37 проценти) и на обвинителите (46 отсто).

-Ова во голема мерка објаснува зошто довербата на луѓето во политиката е многу мала и ќе продолжи да се влошува доколку политичарите не го подобрат нивото на усогласеност со стандардите за интегритет, изјави претседателот на ГРЕКО.

Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ при објавувањето на извештајот изјави дека корупцијата ја поткопува довербата на граѓаните во демократијата и демократските институции.

– Поради тоа имплементацијата на ефективни мерки за борба против корупцијата и промовирањето на интегритетот и транспарентноста, треба да биде приоритет на јавните власти во секое време. Државите постигнаа напредок, но тие треба да ги интензивираат напорите за целосно спроведување на препораките на ГРЕКО, истакна Пејчиновиќ Буриќ.

Во извештајот се наведува дека од почетокот на четвртата рунда за евалуација во 2012 година, речиси половина од земјите членки извршиле уставни реформи според препораките на ГРЕКО, спроведувајќи повеќе од 150 конкретни законодавни, регулаторни или институционални реформи со нивна имплементација.

Да крајот на 2019 година, ГРЕКО изврши оценки во 18 држави во спречувањето на корупцијата во владите и органите на репресија. ГРЕКО честопати идентификуваше недостатоци во начинот на кој одредени земји се справуваат со лобирањето и конфликтот на интереси во централните власти и особено ја посочува потребата за проширување на антикорупциските мерки за советниците. Препораките на ГРЕКО за спроведување на законот главно се фокусираа на кодекси на однесување, унапредување и разрешување, конфликт на интереси, ограничувања за вработување и заштита на „свиркачите“.

На крајот на 2019 година, 15 земји беа посочени дека целосно не го почитувале четвртиот циклус на ГРЕКО, меѓу кои е и Северна Македонија, заедно со Ерменија, Австрија, Чешка, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Ирска , Луксембург, Монако, Полска, Португалија, Романија и Турција. Белорусија е единствената земја што не се придржувала до првите два заеднички циклуси и третата рунда.

Во однос на Северна Македонија, каде е оценето дека реформите се подзапрени поради политичките кризи и распуштањето на собранието пред најавените парламентарни избори, претседателот на ГРЕКО, Мрчела, одговарајќи на прашање на дописникот на МИА нагласи дека откако ќе се одржат изборите и ќе биде конституиран новиот Парламент, треба да се премине на исполнување на препораките.

– И уште еднаш повторувам – ова не е за пратениците, ова е за народот, за граѓаните. Меѓусебните обвинувања на политичките партии и политичарите, не се доволни, без притоа да има конкретни резултати од реформите во Северна Македонија. Потребни се конкретни резултати, работа и акции, изјави Мрчела.

Според графиконот на ГРЕКО за Северна Македонија, 32 отсто од препораките се спроведени, 48 отсто се делумно спроведени, 20 отсто не се спроведени.

По категории, целосно се спроведени само 14,3 отсто од препораките што се однесуваат за пратениците, 42,9 проценти се делумно спроведени, а 42,9 отсто не се спроведени. Кај судиите целосно се спроведени 50 отсто од препораките, 41,7 проценти делумно, а 8,3 отсто не се спроведени, додека кај обвинителите 16,7 проценти од препораките се целосно спроведени, 66,7 делумно и 16,7 отсто не се спроведени.

Во 2019 година, истовремено со својата 20-годишнина, ГРЕКО одлучи да започне нова советодавна функција која ќе овозможи да се обезбеди помош по барање на државите членки и телата на Советот на Европа преку експертски извештаи.

 

One thought on “ГРЕКО бара реформи и конкретни резултати во Северна Македонија

  1. This piece provided a lot of valuable information and was very well-written. Let’s chat more about it. Feel free to visit my profile for more related content.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *