Во битолскиот дел на Пелагонија продолжува грижата за градинарските култури, а во слободниот простор меѓу тиквичките, копарот и други, може да се засади праз, целер или кромид.
Според агроекспертите од Пелагонија, растенијата треба да се наводнуваат и реколтата да се прибира на време.
-Според јунскиот агро-календар, во овој период треба да се следи појавата на болести и штетници кај доматите. Појава на пепелница и белокрилка кај краставиците се третира комбинирано со соодветни инсектициди и фунгициди, а после садење на зелка на отворено, задолжително треба да се следи евентуалната појава и веднаш да се третира против вошки и зелкина болва. Во овој месец вниманието е насочено кон доматите, пиперот, модриот домат и другите култури кои се засадени на отворено. Потребно е редовно наводнување, посочуваат пелагониските земјоделци, а кај пиперот после расадувањето привремено се прекинува со наводнување за да може растението да формира подобар коренов систем.
Според востановената пракса во месец јуни се врши сеење на доцните сорти зелка и карфиол, а најсоодветно време за сеидба е до средината на месецот.
-Во втората половина од месец јуни се сади и праз, се сејат и моркови за касно производство, во периодот од 5 до 8. јуни се подготвуваат леите за сеење на семето од сорти домати, а во периодот од 10 до 15. јуни се подготвуваат леите за производство на садници од главесто зеље. Во овој период се прибираат производите од раните сорти на зелка, краставици и тиквици од битолскиот дел на Пелагонија.
Ако сé се одвива според планот и тоа го дозволат временските услови, во средината на месецот ќе почне жетвата на јачменот.
-Кај пченицата треба да се продолжи со мониторинг на појава и развој на прашкаста мувла и напад од инсекти и по потреба треба да се третира со соодветни фунгициди и инсектициди. Овесот потребно е да се следи заради појава на житна пијавица и по потреба да се третира со соодветни регистрирани за таа цел препарати, посочуваат агро-експертите и додаваат дека во овој период овошните дрва се во интензивен раст и не смее да се дозволи тој да стивне поради недостаток од вода, а ако на крајот на месец мај е пропуштено второто прихранување на дрвцата, тогаш тоа треба да се направи во јуни, велат експертите.