Вонредната состојба завршува в сабота, датумот за избори се уште неизвесен

Четиринаесетдневната вонредна состојба завршува в сабота, а партиите се уште се без договор за датум за избори. Владата прави проценка дали ќе бара продолжување на вонредната состојба. Нема најава за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, откако на двете претходни не беше постигнат договор за теминот за изборното соочување.

Власта инсистира на избори во првиот можен термин кога ризикот од ширење на заразата ќе биде сведен на минимум. Тоа, според СДСМ, е потребно и одговорно, токму заради здравјето на граѓаните, заради целосен рестарт на македонската економија, но и за заштита на демократијата преку соодветна контрола на Владата и обезбедување функционални демократски институции. Затоа сметаат дека изборите се решение, а не проблем. Соодветно време за избори, според нив, е пред почетокот на летото, посочувајќи го како термин 21 јуни.

Брзи избори, пак, за ВМРО-ДПМНЕ не се решение, туку проблем. Обвинуваат дека со инсистирање на избори во време кога пандемијата се уште не е стивната се загрозува здравјето на граѓаните. Власта, според нив, уште од првиот момент на пандемијата на корона вирусот води политика наместо конкретни мерки за заштита на здравјето на граѓаните. Остануваат на ставот за избори на крајот на август или септември.

Двете партии велат дека се подготвени за консензус и не ја исклучуваат можноста за договор, иако инсистираат да отстапи другата страна. Како можно компромисно во решение во медиумите се спомнува 5 јули, но официјалната потврда за тоа засега нема.

До крајот на неделата Владата мора да ги заврши анализите и да одлучи дали ќе бара продолжување на вонредната состојба.

Одлуката е на претседателот на државата дали ќе ја продолжи, но во контекст на изборите од Владата истакнуваат дека според уставот и законите, во оној момент кога ќе заврши вонредната состојба продолжуваат сите изборни дејствија кои беа прекинати поради пандемијата на коронавирусот.

За премиерот Оливер Спасовски изборите се детерминираат од денот на завршувањето на вонредната состојба. Изборите тој смета дека треба да се одржат 22 дена откако ќе заврши вонредната состојба.

Спасовски вели дека има уставен рок од 60 дена што укажува дека од моментот на распуштањето на Собранието изборите треба да бидат одржани во рок од 60 дена. Според тој роковник, остануваат уште 22 дена за одржување на изборите, смета Спасовски. Тој очекува да има дијалог меѓу политичките партии и врз основа на тој дијалог да се носи одлуката во рамките на роковите што се предвидени.

За лидерот на СДСМ Зоран Заев на државата и граѓаните им се неопходни законодавна и извршна власт, ново Собрание и политичка влада со полн капацитет и целосен, нов легитимитет од граѓаните за подготвени да го дочекаме можниот нов бран на коронавирусот наесен.

– Нашата татковина има потреба од избори во првиот можен термин за да го дочекаме септември подготвени. Со полн капацитет да го заштитиме здравјето на граѓаните и да ја рестартираме македонската економија. Новата нормалност значи организирање на изборен процес, кампања и гласање согласно здравствените протоколи пропишани од надлежните институции. Сто проценти сигурни избори за граѓаните, за нивното здравје, за сите учесници во изборниот процес, смета Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера нагласи дека има канали за разговори меѓу нив, но не потврди дека 5 јули е можен датум за избори. Тој смета дека датумот за одржување на изборите треба да се донесе со консензус.

Оваа партија се уште е на ставот оти здравјето на граѓаните е најважно и дека избори треба да се одржат кога тоа нема да биде загрозено. Сметаат дека брзите избори не се решение во држава во која, како што велат, има највисока стапка на смртност од опасниот вирус во регионот.

– Канал на комуникација постои. Јас не би сакал дополнително да коментирам во врска со каналот за комуникација кој постои бидејќи, како што реков, не сме сите исти и не се занимаваме сите во ваков тип брифинзи. Доколку има договор и кога ќе има договор ние ќе и го соопштиме на јавноста, рече Мицкоски.

Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на изборен процес, доколку власта одлучи да организира избори на 21 јуни.

Избори на 5 јули е прифатлив термин за Либерално-демократската партија (ЛДП), кажа вчера претседателот на партијата Горан Милевски.

– Ја поддржуваме иницијативата на ДУИ парламентарните избори да се одржат на 5 јули. Мисиме дека е крајно време да се закаже датумот за изборите, бидејќи, како што може да се забележи, кризата го намалува влијанието, но во догледно време нема целосно да се укине: не може да чекаме да нема ниту еден заболен, зашто не знаеме кога ќе биде. Ние мора да ги одржиме изборите, зашто проектите се закочени, рече Милевски.

Партиите од албанскиот политички блок чекаат договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, иако ДУИ јавно се декларира за брзи избори зависно од состојбата со Ковид-19, Алијансата за Албанците и Алтернатива се за избори на 26 јули, а БЕСА е против пролонгирање на изборите и ќе го прифати евентуалниот меѓупартиски консензус.

Првично, изборите беа закажани за 12 април, но поради пандемијата со коронавирусот и вонредната состојба тие беа одложени со владина Уредба со законска сила.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *