Амбасада на Франција додели заштитна опрема на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје

Амбасадата на Франција во земјава денеска соопшти дека за време на кризата доделила заштитна опрема за медицинскиот персонал на ЈЗУ Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, но и поддршка на Црвениот крст за дистрибуција на оброци и средства за хигиена на лица со посебни потреби.

-Во овој период на криза, амбасадата на Франција спроведе активности кои имаат за цел да им се помогне на најранливите категории лица, но и да се обезбедат средства за дејствување и заштита на медицинскиот персонал, соопшти Амбасадата.

За полесно справување со социјалните влијанија од кризата, амбасадата, како што наведува, додели грант на здружението „ЛГБТ Јунајтед Тетово“ кое беше во можност да дистрибуира повеќе од 200 пакети со храна, 100 маски за респираторна заштита и комплети за хигиена.

-Амбасадата го поддржа и Црвениот крст на град Скопје обезбедувајќи помош за дистрибуција на 3.161 спакувани оброци, 2.450 комплети за хигиена и 2.350 други разни комплети кои беа поделени главно на лица со посебни потреби и семејства на самохрани родители. Исто така обезбеди е поддршка за главните чинители на теренот, односно, предаде опрема за медицинскиот персонал на Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство, маски N95 и лична заштитна опрема за еднократна употреба, којашто итно им беше потребна, се наведува во соопштението на Амбасадата.

Оттаму појаснуваат дека со нивна поддршка но и со поддршка на Францускиот институт во Скопје, Универзитетската агенција за Франкофонија го прифати проектот на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје и неговиот Институт за биохемија во рамките на меѓународниот повик за универзитетски иницијативи за борба против пандемијата КОВИД-19.

-Овој проект, во висина од 20.000 евра, ќе овозможи да се направат значителен број серолошки тестови и да се набави заштитна опрема за вработените во здравствениот сектор, соопшти Амбасадата на Франција.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *