Матичните лекари бараат од Спасовски и Филипче сет економски мерки и за нив

Здружението на лекари по општа и семејна медицина со  писмо до премиерот Оливер Спасовски и до министерот за здравство Венко Филипче, бараат пакет економски мерки за подршка на матичните лекари.

Тие во писмото наведуваат дека во време на пандемијата на Ковид 19, матичните лекари беа и се уште се на првата линија во справување со овој вирус и оти со нивната ангажираност и посветеност, го амортизирале притисокот врз секундарното и терциерното ниво и придонеле за успешно справување со пандемијата, намалување на кривата на новозаболении неоптоварување на болничкиот сектор.

– Од воведување на алгоритмот за скрининг за Ковид 19од 23 март до 30 април, матичните лакари вкупно закажале 3.131 пациенти за контролни брисеви, а 730 пациенти со докажан вирус Ковид 19 беа следени на домашен третман.

Наведуваат дека одговориле на предизвикот во справување со Ковид 19, но, велат претстојат нови предизвици со што дополнително ќе се зголеми интензитетот на употреба на нивните здравствени услуги но и до Burn out синдром кај нив – обезбедување и носење лична заштитна опрема, следење на пациенти кои прележаа Ковид 19 и рано откривање на можни последици од него, скрининг и рана дијагноза на незаразни заболувања, грижа за пациенти со хронични незаразни заболувања, решавање на проблеми на ментално здравје, домашно насилство, воведување на новиот модел на примарна заштита, примена на упатства за најчестите хронични незаразни заболувања…

– Пандемијата влијае на целокупната егзистенција на државата, здравстено и финансиски, но влијае и врз финансиско опстојување на аммбулантите во ПЗЗ: понатамошно обезбедување на ЛЗО, обезбедување услови на безбедна работа со пациенти и секако исплата на плати за вработените. Матичните лекари нема да можат да опстанат и ќе бидат приморани да ги затворат своите ординациите, наведуваат во писмото.

Тврдат дека матичните лекари се заборавени од институциите и се ставени во нерамноправна положба потенцирајќи дека се приватни здравствени установи и дека треба сами да си обезбедат средства за работа.

– Ви се обраќаме со сета сериозност на околностите, да ни излезете во пресрет на нашите барања: награда на сите здравствените работници – тимови на матични лекари кои се грижат за пациенти со Ковид 19 во домашен третман и ќе се грижат на пациенти кои прележале Ковид 19 – рано откривање на компликации. Вредносни ваучери кои ќе можат да ги искористат за набавување на средства за ЛЗОи хигиенски материјали, бараат во писмото.

Тие бараат пакет економски мерки за подршка на матичните лекари, реализирање на ветеното покачување на бодот за капитацијана 90 денари. Натаму наведуваат дека дополнително треба да се земе во предвид фактот дека капитациите за исплата за тековните месеци ќе бидат намалени поради големиот број на отпуштања од работа што следеа во приватниот сектор.

– Сто отсто исплата на сите прикрепени осигуреници. Да се укине дестимулативен начин на исплата каде што матичен лекар со поголем број на пациенти се исплатува со 70 отсто и 45 отсто од вредноста на бодот, во подрачја во кои постои затвореност на мрежата на здравствени установи со години и неможност за отварање и вклучување на нови матични лекари во тимови, бараат матичните лекари во писмото до Спасовски и Филипче.

Додаваат дека матичните лекари мора да бидат вклучени во донесување на одлуки за справување со пандемијата, за да може да се обезбеди силен систем на примарна здравствена грижа кој е од суштинско значење за обезбедување на висококвалитетна грижа и спроведување на мотото на СЗО „Здравје за сите“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *