Европските социјалдемократи очекуваат имплементација на одлуката за старт на преговорите

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, Групата на Социјалистите и демократите (СД) во Европскиот парламент објави декларација во која бара европските лидери јасно да стават на знаење дека проширувањето е најуспешна политика на Унијата и бараат што побрзо спроведување на одлуката за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Партискиот самит на европските социјалдемократи ќе се одржи утре, преку видеоконференција, пред почетокот на лидерската средба ЕУ – Западен Балкан, на неа ќе учествуваат лидерите на партиите членки на Социјалдемократската група, меѓу кои и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли и шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел.

Социјалдемократите во декларацијата потсетуваат дека проширувањето „ја направи Унијата повлијателна, го зајакна нејзиниот капацитет да донесе позитивни промени во земјите кандидати“ и бара „ЕУ јасно да каже дека е клучен партнер за регионот кога станува збор за градење демократија и социјална правда“.

– Додека ја поздравуваме одлуката на Советот од 26 март да отвори пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија, со нетрпение очекуваме да се имплементираат овие заклучоци, стои во декларацијата.

Партиите на левиот центар во Европскиот парламент бараат јасна условеност со реформи во евроинтегративниот процес, пред сѐ во однос на владеењето на правото, борбата против корупција, почитувањето на човековите права и на слободата на медиумите.

– За Групата на Социјалистите и демократите принципот на политичка ангажираност и постепен пристап до политиките и инструментите на ЕУ, вклучително и преку зголемен пристап до финансиска поддршка, треба да станат клучен аспект на процесот на проширување, пишуваат социјалдемократите до лидерите на ЕУ.

Тие бараат, исто така, посебен осврт на социјалната димензија во процесот на зачленување во ЕУ, за да се создадат подобри услови за достоинствена работа, со што, се надеваат, ќе се намалат социјалните тензии и ќе се спречи одливот на мозоци од регионот, како и елиминирање на нелојалната социјална и економска конкуренција во ЕУ.

– Отворањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија беше вистинска одлука и ние за тоа притиснавме од две причини. Првата е затоа што европското семејство не е комплетно без Западниот Балкан. Втората е затоа што ЕУ институциите побараа многу од двете земји во последните години и тие испорачаа. Сега започнува интензивен процес на социјални, политички и економски реформи, додека не ја постигнеме конечната цел на интеграција. Се надевам дека овој процес ќе ги охрабри и Србија и Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина да продолжат по реформскиот пат, додека европското семејство биде обединето, изјави Ираче Гарсија Перез, претседателка на Групата на Социјалистите и демократите во Европскиот парламент.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *