ЕУ строго ќе ги контролира фондовите за коронавирусот, одговорноста – кривична

Ден пред виртуелниот самит во Загреб на кој лидерите на земјите на ЕУ и на Западен Балкан треба да ја потврдат „јасната ЕУ перспектива“ за регионот, Брисел потсетува дека 3.3 милијарди евра помош кои пристигнуваат за борбата против пандемијата се предмет на многу строги контроли од страна на ЕУ, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Овој самит во Загреб нема да се фокусира на проширувањето кон регионот, објаснија европските дипломати денеска, делумно поради санитарната криза, а делумно и поради тоа што проширувањето се третира во рамките на Советот за општи работи на ЕУ.

Иако секој лидер е слободен да отвори која било тема што му е важна, планот утре е да се разговара пред сѐ за 3,3 милијарди евра финансиска и материјална помош што ја мобилизираше Европската Унија за борба против коронавирусот и последиците од оваа криза во регионот.

Одговарајќи на новинарски прашања изутрината, претставник на Европската Комисија ги увери медиумските претставници дека Комисија многу внимателно ќе го следи патот на овие фондови кога ќе пристигнат во земјите.

-Ве уверувам дека секоја транша е предмет на многу строга ревизија и контролни механизми и доколку има и најмал сомнеж за потенцијалн злоупотреба на фондовите, ќе отвориме истрага која може да доведе до кривичен процес. Фондовите на ЕУ се поврзани за многу строги услови, изјавија од Европската Комисија.

Иако начелно регионот беше исклучен од повеќето фондови и механизми за помош, Европската Унија се коригираше, па така од крајот на април земјите од регионот не треба повеќе да бараат посебни дозволи за увоз на медицинска опрема потребна за борбата против вирусот. Ова беше одговор на бројни критики, посебно во Србија, каде претседателот Александар Вучиќ јавно изрази незадоволство од тоа што ЕУ помага помалку од Кина во неговата земја.

-Видовме проблеми во комуникацијата, се генерираа и ширеа лажни обвинувања за пријателството меѓу ЕУ и земјите од регионот, лидерите треба да се усогласат во пораките и треба да се спротивставиме на погрешната концепција за нашите односи, изјави висок ЕУ дипломат во пресрет на утрешниот самит.

За ЕУ „нема сомнеж“ дека Западниот Балкан е „близок партнер“ и дека ниту Кина ниту Русија не му се поблиски и поголеми пријатели на регионот.

Критики се јавија меѓутоа и поради фактот што овој самит нема да се фокусира на проширувањето, а загрепската декларација која треба да ја потпишат сите лидери утре не го споменува зборот проширување, ниту членство или пак преговори со Северна Македонија и Албанија.

Од ЕУ ги отфрлаат овие критики.

-Утре идејата е да се потврди уште еднаш ЕУ перспективата на регионот, ние тоа го правиме со нашите партнери. Фактот што имаше одлука за Северна Македонија на 26 март јасно покажува дека ЕУ перспективата е главен поттик за реформите кои се од бенефит за сите граѓани, покажавме дека испорачуваме кога нашите партнери испорачуваат. Не разговараме за проширувањето, од една страна затоа што Ковид-19 е главна тема, но тоа не значи дека процесот се прекинал, процесот ќе продолжи на следната средба на Советот за општи работи во јуни, и ќе напредува, сметавме дека има специфична тема на која треба да се фокусираме, изјави висок ЕУ дипломат инволвиран во подготовката на утрешниот самит.

Од Европската Комисија исто така потврдуваат дека со полна пареа се работи на преговорите со Северна Македонија и Албанија, и дека преговарачката рамка ќе биде презентирана заедно со извештаите за напредокот на земјите од регионот. Датумот на овие извештаи сѐ уште не е одреден поради кризата со коронавирусот, но би требало наскоро да се разјасни.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *