Во ГОБ „8 Септември“ озонска терапија за пациентите со Ковид-19, Транфузиологија почнува со екстракција на крвна плазма

Од денеска во Градската општа болницата „8 Септември“ е пренесен апаратот за т.н. озонска терапија – озонирање на крвта, тоа е една метода што се користи за третманот пред се на најтешките пациенти со коронавирус. Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција, преку онлајн-видео комуникација.

Има некои публикации и искуства од други земји и врз основа на тие искуства, посочи министерот, тимот анестеолози од ГОБ „8 Септември“ направи детална анализа на обемна литература и заклучи дека вреди да се направи еден обид и оваа терапевтска метода да се аплицира кај овие пациенти.

– Практично станува збор за метода со која што се озонира една одредена количина на крвта, која се вади од пациентот и потоа таа истата се враќа во неговата циркулација. Утре е закажана и првата екстракција на плазма која исто така ќе се користи за третман на овие пациенти на Институтот за трансфузиона медицина, потенцира Филипче.

Тој апелираше повторно до граѓаните да ги почитуваат мерките за носење на заштитна опрема. Има примери на граѓани, нагласи, кои навистина се придржуваат до овие мерки, придржување на дистанцата и носење на маски, но има и слики по медиумите и на мрежите од граѓани кои не се придржуваат до овие мерки.

– Многу важно во овој период кога има зголемен број на часови за движење во текот на денот дека само со оваа мерка – носење на заштитна прекривка на устата или на носот, ние можеме да ставиме крај на ширењето на вирусот, рече Филипче.

Во врска со денешните податоци од Институтот за јавно здравје за коронавирусот, посочи дека денеска се регистрирани 53 оздравени и тоа во Скопје – 25, Куманово – 13, Прилеп – 5, Струга – 1, Битола – 4, Охрид – 1 и Кочани – 4. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, како што посочи, починаа 58- годишна пациентка од тетовско Желино, примена на Клиниката на 21 април со тешка форма на болеста и 81 – годишна пациентка од Куманово, лекувана на клиниката од 15 април. Двете пациентки имале и висок крвен притисок.

– Во ГОБ „8 Септември“ почина 47-годишен пациент од Куманово, примен на болничко лекување на 3 април во тешка состојба и долго време приклучен на респираторна машина. Почина и 66-годишен пациент од Битола, кој во тешка општа состојба, со срцева слабост и цироза се лекуваше во Клиничката болница во градот, рече Филипче.

Во изминатите 24 часа, истакна, направени се 289 тестирања, а потврдени се 13 нови случаи со Ковид – 19 и тоа во: Скопје – 4, Куманово – 5, Прилеп – 2 и Тетово – 2.

– Со ова вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја изнесува, 1.399. Направени се 289  теста и тоа преку Институтот за јавно здравје –226, Ветеринарен факултет – 9, Авицена –12, Систина со PCR метода – 38  и МАНУ – 4. Досега во земјата се направени вкупно 15.409 тестирања на Ковид -19, рече Филипче.

Во врска со хоспитализираните со Ковид-19, тој појасни дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е примен еден пациент, а хоспитализирани се вкупно 61 од кои 18 се со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка, а пет пациенти се на механичка вентилација.

– Во ГОБ „8 Септември“ примени се осум нови пациенти, а вкупно хоспитализирани 32. На респираторна машина се седум пациенти, а четири се со потешка клиничка слика. Во Клиничката болница во Битола се хоспитализирани седум лица, а се следат вкупно осум пациенти во домашно лекување, додека во Клиничката болница во Штип се лекуваат двајца пациенти, а се следат уште девет. На инфективните одделенија во болниците во Куманово, Велес и Прилеп се хоспитализирани 50 пациенти, потврдени и суспектни на Ковид-19, додаде Филипче.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *