СДСМ ќе поднесе иницијативата за повторно ставање во функција на Парламентот, Џафери чека да го види предлогот

Пратеници на СДСМ се очекува денеска до Собранието да ја достават иницијативата за повторно ставање во фунцкија на законодавниот дом, што се самораспушти на 16 февруари поради одржувањето на предвремени парламентарни избори на 12 април, кои, пак, беа одложени поради пандемијата со Ковид-19. Претседателот на Парламентот Талат Џафери не се изјасни дали ќе свика седница што би значело повторно ставање во функција на самораспуштениот Парламент и чека да ја види содржината на иницијативата, иако претходно кажа дека Собранието не може повторно да се состане.

Целта на оваа иницијатива, како што појаснија вчера од СДСМ, е да бидат потврдени двете одлуки на претседателот на државата Стево Пендаровски за вонредна состојба од по 30 дена за да се спречи ширењето на коронавирусот во земјата, но и да се остави можност доколку има потреба пратениците повторно да можат да одлучуваат.

– Ставот на пратеничката група на СДСМ е дека Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот. Затоа нашата цел е да направиме уште еден обид да биде свикана седница на која ќе бидат потврдени одлуките на Пендаровски, но да биде во функција и доколку во иднина има потреба повторно од прогласување вонредна состојба. Правиме консултации и со други пратенички групи со кои го делиме мислењето за работата на Собранието во вакви услови, изјави Јован Митроски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Сметаат дека е потребно одржување на ваква седница и доколку е потребно свикување на Собранието и за други прашања, повикувајќи се на неговата надзорна улога, особено во вакви вонредни и кризни состојби.

Врз основа на тоа, седницата би имала две точки на дневен ред – првата е за свикување на седница за потврдување на одлуките на претседателот Стево Пендаровски за продолжување на вонредната состојба, а втората за ставање на Собранието во функција по потреба.

Се разгледуваат и се размислуваат повеќе начини за одржување на една ваква седница, и како тоа би можело да се организира електронски или, пак, во голема сала со Купола се со цел да се запазат превентивните мерки за заштита од ширење на коронавирусот.

Свикувањето на седницата го засноваат на Деловникот и на Уставот. Седница, како што посочуваат, може да се свика со собрани 20 потписи од пратеници врз основа на член 67 од Деловникот за работа на Парламентот во којшто во став два се предвидува дека „Претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници“. Според член 63 став 4 од Уставот, пак, „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.

Својот став по ова прашање вчера го кажа и претседателот на Владата Оливер Спасовски повторувајќи дека е добро да функционира Парламентот и пратениците да бидат на своите задачи во Собранието

-Јас го кажав мојот став и неколку пати досега. Сметам дека и се уште сметам дека Собранието може да се состане заради тоа и според Изборниот законик и според Законот за Собранието пратениците имаат мандат се до изборот на новите пратеници. Ние како техничка Влада посакувавме да имаме Законодавен дом којшто ќе функционира. Ние се наоѓавме во состојба на распишани избори, немаме Парламент, ни се случи здравствената криза. Едноставно сметавме дека е добро да функционира Парламентот и пратениците да бидат на своите задачи во Собранието, рече Спасовски.

Поддршка од коалициските партнери, ДУИ засега воздржана и бара консензус, а ВМРО-ДПМНЕ смета дека распуштен Парламент не може да се состане

На иницијтивата на СДСМ се потпишани триесетина пратеници од СДСМ, НСДП, независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците, Алтернатива и ДПА, а се очекува денеска таа да добие поддршка и од Беса.

Иницијативата нема поддршка од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, ниту од ДУИ, која, сепак, остави простор најнапред да ја види иницијативата па конечно да се изјасни.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, за МИА потенцираат дека станува збор за иницијатива на поранешни пратеници, а ставот за тоа партијата го соопштила јасно на последната лидерска средба.

-Каков било чекор кој е надвор од договореното и прифатеното и од политичките лидери на последната лидерска средба ќе претставува еднострано прекршување на принципот за политички консензус. Очигледно станува збор за две работи, или Заев си влегува во приватни аранжмани и комбинаторики со пратенции, или пак е преголема желбата да се лови во матно, односно во ек на најголемата здравствена и економска криза кога луѓе буквално ги губат своите животи, Заев да носи лични еднострани решенија на штета на државата, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ, посочија, дека не се запознати со содржината на иницијативата на СДСМ и досега не е побарана поддршка или консултација за ова прашање, потенцирајќи дека сите одлуки би требало да се носат со општо консензус и широка поддршка.

-Ние не сме запознаени со содржината на иницијативата на СДСМ и досега не е побарана поддршка или консултација за ова прашање. Во однос на сите прашања поврзани со тековната состојба која што ги засега сите граѓани подеднакво, би било добро да се решаваат со општ консензус и широка поддршка.
Консензуално го распуштивме Собранието, исто така консензуално и ги одложивме изборите. Секако ќе ја разгледаме иницијативата штом ќе се достави во Собрание, посочуваат од ДУИ.

Во Демократската партија на Албанците (ДПА) сметаат дека треба да се свика Собранието и велат дека ќе ја поддржат иницијативата, но исто така претседателот на партијата Мендух Тачи рече дека е време сите парламентарни партии да бидат дел од широка коалиција за Влада.

-Ние сме парламентарна демократија. Собранието ја контролира извршната власт. Ако во одредени моменти како што сега се наоѓаме, имаме вонредна ситуација, постои огромна опасност Владата да дејствува без парламентарна контрола. Тоа веќе неколку пати најавуваме на конференции за печат оти така веќе делува ДУИ кои имаат очигледно за малку еден отсто апсолутна власт кај Албанците. Мислиме дека на првата седница на Собранието ќе треба да се диксутира за Влада на национално единство во која ќе учествуваат сите парламентарни партии, истакна Тачи на прес – конференција.

Граѓански организации повикуваа Парламентот да се собере и да работи

Институтот за демократија смета дека Собранието мора повторно да се состане за да констатира дали постојат услови за вонредна состојба. Оваа одлука мора да ја донесе законодавното тело кое го претставува суверенитетот на граѓаните. Вонредната состојба не одредува конкретни мерки кои треба да се спроведат, туку нуди основа за постапување на извршните органи (Владата) во која има широки можности за постапување кои носат и големи ризици.

– Во последниот период, Владата носи уредби со законска сила, кои ограничуваат права на граѓани како мерки против епидемијата. Во такви услови, граѓаните заслужуваат нивните претставници да се вклучат во носењето на одлуките, како контратежа на извршната власт, а со цел обезбедување дека секое ограничување на права е резултат на крајна нужност, но и дека постојат механизми за контрола. Собранието треба навремено да реагира и да спречи можни повреди на човековите права, злоупотреба на службена должност од страна на органите на извршната власт и да обезбедни владеење на правото. Се работи за елементарен принцип на поделба на власта , кој мора да биде испочитуван за да не настане преседан за идни недемократски тенденции, наведуваат од Институтот за демократија.

Според нив, Собранието може да се состане и се повикуваат на одлука на Уставниот суд бр. 104 од 2016 во која е утврдено дека пратениците не можат повторно да заседаваат по одлуката за самораспуштање, освен во услови на воена или вонредна состојба (член 63, став 4). Согласно на ова, во моментов исполнет е единствениот услов според кој Собранието може повторно да заседава во случај кога претходно се самораспуштило. Според собранискиот деловник седница може да свика Претседателот на Собранието, или тоа да го побараат 20 пратеници, Владата или Претседателот на Републиката (член 67).

-Во услови на физичко дистанцирање и забрана за собирање во групи Собранието може да заседава и онлајн што е пракса воспоставена од законодавните домови во многу европски и светски држави, потсетија од Институтот.

Собранието на Република Северна Македонија се самораспушти на 16 февруари со 108 гласови „за“ заради одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април. Изборите беа одложени поради пандемијата со Ковид-19. 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *