Зголемувањето на акцизата донесено во консултација со сите засегнати страни

Зголемувањето на акцизата на нафтата за три денари е антикризна мерка, донесена по предлог на Министерството за финансии, во претходни консултации со експерти и со сите засегнати страни, рече денеска владиниот портпарол, Муамет Хоџа.

– Се подразбира, пред да се донесе ваквата одлука, земени се предвид сите совети и анализи направени од експерти, од вработени во Министерството за финансии и во Владата, како и од сите други засегнати страни, напомена Хоџа, одговорајќи на новинарски прашања.

На прашањето, зошто Владата не донесе одлука за изедначување на акцизата на екстра лесното гориво со таа на дизелот, како што бараше Стопанската комора, Хоџа беше дециден дека ефектот од таквата мерка би бил речиси никаков.

– Екстра лесното гориво е наменето само за лимитирана употреба и законски е забрането за продажба од 15 април, ефектот од таквата мерка би бил скоро никаков, истакна портпаролот на Владата.

Хоџа повтори дека зголемувањето на акцизата за три денари нема да предизвика дополнителни финансиски импликации врз компаниите и населението, ниту, како што рече, од тоа ќе трпат транспортната или другите дејности зашто цената на нафтата е намалена за 20 денари. Сите средства од зголемената акциза ќе одат во државниот Буџет, односно во Фондот за справување со коронавирусот.

– Ова е добро и правично решение, директна инјекција за државниот Буџет, истакна портпаролот на Владата.

 

One thought on “Зголемувањето на акцизата донесено во консултација со сите засегнати страни

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *