Подобра комуникација меѓу новинарите и обвинителите предуслов за заштита на слобода на изразување

Новинари од повеќе редакции кои известуваат за теми од правосудниот систем со акцент на Јавното обвинителство, заедно со експерти и претставници на судството и обвинителството учествуваа на работилницата „Практиката на Европскиот суд за човекови права и на Јавното обвинителство на Македонија во случаите за медиумската слобода“, што во организација на ЗНМ викендов се одржа во Охрид.

Заедничката обука на новинарите и обвинителите за праксата на Европскиот суд за човекови права спроведена со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“ има за цел да ги прошири нивните знаења околу рамката каде започнува и каде завршува слободата на говорот.

– Само добро обучени и информирани новинари за своите права и одговорности можат професионално да ја обават новинарската професија. Исто така праксата на Европскиот суд може да им помогне да не прават грешки и да не ги прекршуваат правата на другите, истакна претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

За собирот во Охрид тој дека дека е во насока на зајакнување на започнатиот дијалог меѓу новинарите и обвинителството, што е од посебен интерес за заштитата и промоцијата на слободата на говорот во Македонија, за која нагласи дека не е на завидно ниво.

– За жал досегашната пракса не е добра. Кога новинарите се на обвинителна клупа, институциите се многу ефикасни во нивното казнување, дури и поддрќуваат и непоткрепени обвиненија. Кога новинарите се жртви, тогаш институциите воопшто не постапуваат или и кога постапуваат случаите на новинарите заглавуваат во полициско-обвинителските лавиринти или говорот на омраза против нив, забележа Селмани.

Амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние во обраќањето пред учесниците на обуката нагласи дека одбраната на принципите содржани во Европската конвенција за човекови права секогаш треба да биде приоритет во работата и на двете професии, како на новинарите така и на правосудството, бидејќи врз нив се темелат европските вредности.

– Пред нас се исправува Интернетот како нова форма на изразување и информирање, што е особено значајно во слободата на изразувањето и затоа има потреба од новинари кои професионалните активности ќе ги извршуваат согласно етичките норми и кодекси. Секако тука е и потребата од соодветно однесување и на судиите, обвинителите, правниците, инаку стои ризикот таквото информирање да стане џунгла, рече тој.

На собирот во Охрид беше заклучено дека има потреба од почести директни средби мешу претставниците на медиумите и јавното обвинителство заради подобрување на комуникацијата во работењето и на тој начин подобрување на информирањето на граѓаните.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *