Пендаровски-Мишел: Европска солидарност за заедничката битка против КОВИД-19

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во кој се заблагодари за неговата јасна и отворена поддршка за одлуката за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија, истакнувајќи дека со таквиот чин Унијата, во вонредни околности, потврдила дека местото на државите од Западниот Балкан е во заедничкото европско семејство.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Пендаровски во овој контекст се интересирал за динамиката за подготовка и усвојување на преговарачката рамка за нашата држава и за временската рамка за одржување на првата меѓувладина конференција.

Пендаровски изразил разбирање за одложувањето на Самитот на лидерите на ЕУ и на земјите од Западен Балкан кој требаше да се одржи на 7 мај во Загреб, нагласувајќи дека справувањето со ширењето на пандемијата со вирусот Ковид-19 е апсолутен приоритет на сите земји во овие моменти. Сепак, тој изразил надеж дека ќе се задржи темпото на работа и одлучување преку нови технички модалитети како, на пример, видео конференции, а во интерес и на ЕУ на државите од Западен Балкан.

Соговорниците размениле информации за состојбите во Унијата и кај нас, поврзани со справувањето со последиците од ширењето на КОВИД-19. Пендаровски го информирал Мишел за мерките и активностите што надлежните институции ги преземаат во справувањето со последиците од пандемијата, како и очекуваните предизвици со кои земјата ќе се соочува во следниот период справувајќи се со последиците од епидемијата.

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за помошта која Европската Унија ни ја дава преку фондовите на ЕУ како и на билатерално ниво што земји-членки ја донираат во медицинска и заштитна опрема.

Беше констатирано дека покрај фактот дека Европската Унија е клучниот трговски и економски партнер на нашата држава, од почетокот на пандемијата, Унијата пружа и значајна финансиска помош. Досегашната поддршка изнесува околу 69 милиони евра од кои 4 милиони за итна поддршка за здравствениот систем, 3 милиони директна буџетска поддршка, 12 милиони за приватниот сектор и 50 милиони евра за помош на економијата, со цел социо-економско закрепнување на земјата поради последиците од епидемијата на коронавирусот.

Во телефонскиот разговор претседателот Пендаровски изразил солидарност со најголемите земји-членки на Унијата, кои се и најмногу погодени од пандемијата, и изрази очекување дека со солидарност и тесна соработка на европскиот континент, ќе биде добиена и оваа битка, како и справувањето со предизвиците кои ги носи глобалната здравствена, економска и социјална криза предизвикана од КОВИД-19.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *