Во Општата болница во Охрид шест лица со симптоми на Ковид-19

Новопоставенот директор на Општата болница во Охрид, д-р Горан Балевски денеска соопшти дека состојбата со заразата со коронавирусот будно се следи, уверувајќи оти здравствената установа има доволно капацитети, знаење за справување со предизвиците што ги носи епидемијата.

– Формиран е кризен штаб составен од избрани лекари од сите одделенија, така што со заеднички насоки формиран е тријажен центар за прием на болни, кои потоа според однапред утврдени патеки на движење потоа се упатуваат кон соодветни одделенија зависно од потребата, изјави Балевски.

Моментално во болницата во Охрид се испразнети одделенијата за геријатрија и кожни заболувања, резервирани за сместување пациенти со сомнителна клиничка слика односно со симптоми на Ковид-19, а без потврдена дијагноза.

Согласно препораките на Министерството за здравство, полесните случаи пациенти позитивни на Ковид-19 се третираат на Инфективното одделение во Охрид, додека потешките се упатуваат во регионалниот центар во Битола.

Инфективното одделние во Општата болница во Охрид располага со три лекари, двајца специјализанти, со капацитет за сместување 20-тина пациенти. На одделението моментално има шест лица со симптоми на Ковид-19, чии резултати се уште не се пристигнати односно нивната дијагноза не е потврдена.

Од избивањето на епидемијата на коронаворусот досега во охридската болница се примени пет пациенти од Охридско-струшкиот регион позитивни на Ковид-19, кои потоа се упатени во специјалните центри за третман.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *