Раководителите на царинските служби на државите од Западен Балкан на неформален состанок во Охрид

Справување со предизвиците што произлегуваат од повеќегодишниот план за воспоставување единствена регионална економска зона во рамки на Берлинскиот процес, со аспект на зајакнување и усогласување на координираноста на царинските служби како важен предуслов во самиот процес, се темите на дискусија во рамки на Петтата по ред неформална средба на директори и претставници на царинските служби на државите од Западен Балкан што од денеска се одржува во Охрид.

Директорот на Царинската управа на РСМ Ѓоко Танасоски, истакна дека во таа насока е изготвена детална структурна агенда на активности што царинските служби треба да ги спроведат за реализација на акцискиот план за Регионална економска област. Тие се елиминација на тарифните бариери, поедноставување на  инспекциите во постапките за дозволи, намалување на формалностите до максимална мера, ефикасна размена на трговски податоци, како и воведување односно зајакнување на програми за взаемно признавање на грачничните документи, вклучвајќи го и овластениот економски оператор.

– Најголемиот предизвик во царинското работење последните години е трговијата. Во рамки на ЦЕФТА ние како држави членки имаме добра соработка, но веруваме дека со поддршка на иницијативата „Мал Шенген“ ќе придонесеме за олеснување на трговијата во регионот, а што би резултирало со зголемување на конкурентноста на самите компании, прво на регионалниот а потоа и на пошиоркиот пазар, рече Танасоски.

Тој рече дека веќе се гледат резулатите од соработката во рамки на овие неформални состаноци, преку веќе воспоставениот „оне стоп шоп“ систем за царински процедури на преминот Табановце – Прешево каде е забрзан протокот на стока и патници, со финализирање на постапката за воведување такви мерки и на преминот Ќафасан кон Албанија.

– Со поминување на програмата за меѓусебно признавање на програмите на авторизиран економски оператор на ниво на ЦЕФТА секако ќе се добијат и приоритетни ленти со кои компаниите што ќе го поседуваат сертификат значително ќе имаат олеснети царински процедури и ќе се во можност побргу да ги испорачаат предвидените стоки, рече Танасоски.

Директорот на Царинската управа на Република Албанија Гјон Барди од своја страна рече дека преку средбите како оваа во Охрид е во насока на подобрување на соработката на службите на сите нивоа, во голем дел и во насока на спречување на шверцот на стоки преку границите.

– Соработката значи и утврдување и справување со ризиците што како земји од регионот ги споделуваме. Намерата е во таа насока да креираме капацитети за споделување на информации во реално време. Преку воведување на системот „оне стоп шоп“ на границата меѓу Македонија и Албанија ќе се подобри и размената на стоку, услуги и луѓе, со истовремено зголемување на контролата и намалување на просторот за криминални активности и шверц, рече Барди.

Што се однесува на работата на царинските служби во државите од регионот во аспект на актуелната ситуација со епидемијата на корона-вирусот, според раководителите на царините, забележано е намалување на трговската размена односно намалување на бројот пратки со Далечниот Исток, но тоа не е последица на тоа дали има случаи регистрирани во регионот туку пред се резултат на забавената испорака од Кина од каде изминатиот период пристигнуваа најголем број пратки.

– Царинската управа не врши квалитативни прегледи на стоката што доаѓа од Далечниот Исток пред се од кризните жаришта, за тоа се задолжени Агенциите за храна и ветерина. Ние ги следиме сите насоки на Кризниот штаб, имаме засилени контроли, но засега се се одвива во рамки на нормалното, рече Танасоски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *