Свети Николе остана без 210.000 евра по раскинување на договор за јавно приватно партнерство за улично осветлување

Осум години по раскинувањето на договорот за јавно-приватно партнерство за уличното осветлување преку извршно решение фирмата Сити лајт од Струга од сметката на Општина Свети Николе на 10 февруари повлекла 210.000 евра, објави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски.

Појаснува дека во септември 2012 година тогашниот градоначалник, Роберт Ѓеоргиев склучил договор за јавно-приватно партнерство за реконструкција и модернизација на осветлувањето, но една година подоцна во август 2013 година го раскинува новиот градоначалник Зоран Тасев, а во месец октомври 2013 година одлуката ја потврдува и Советот на Општина Свети Николе.

-Осум години подоцна, по долги судски процедури, фирмата Сити лајт со извршно решение наплати над 100.000 евра за извршената работа пред раскинување на договорот, дополнителни над 100.000 евра за камати и судски трошоци за постапката од 10.000 евра. Голготата на оваа општина не запира тука, туку некогашниот партнер, Сити лајт бара уште 42 милиони денари, односно над 660.000 евра за периодот од раскинување на договорот до сега, бидејќи Апелациониот суд одлучил во нивна корист, вели Велковски.

Тој забележува дека со овој финансиски удар општината од ликвидна ќе стане една од десеттината блокирани општини во земајва, без шанса наскоро да се одблокира.

-Со тоа, сите планирани проекти за оваа 2020 година, која ја сметавме за година на капитални инвестиции ќе падната во вода. Нема да можеме да изградиме ни метар водовод и канализација, ни метар асфалт, а неможе да стане збор за Градски базен, спортска сала кај гимназијата за кој парите беа обезбедени од сопствени приходи од концесија на земјоделско земјиште, продажба на градежно земјиште и слично, вели Велковски.

Тој забележува дека во моментов се користат сите редовни и вонредни правни лекови за како што вели се исправат несовесните одлуки од неговите претходници, за овој случај поднесена е ревизија како вонреден правен лек до Врховниот суд, а пре вишиот Управен суд се води постапка по жалба за раскинување на договорот за јавно приватно партнерство со фирмата Сити лајт. Тој повика на брза разрешница за овој случај од страна на судската власт.

Поранешниот градоначалник на Свети Николе, Зоран Тасев кој го раскинал договорот со фирмата Сити лајт од Струга за јавно приватно партнерство вели дека одлуката за раскинување на договорот и тој и советниците во Советот ја донеле оти бил штетен за општината. Освен што една светилка чинела над 900 евра, големите поплави во тој период откриле нестручно поврзување на светилките што го потврдил и стручниот надзор од општината, а какошто вели и такво мислење добиле и од  ЕВН. 

-Во самиот договор има член во кој се вели дека сијалиците се со рок од траeње од 40.000 часови. Тоа е десет години, а договорот е на 13 години. Тоа значеше дека Општина Свети Николе по десет години повторно сама да си купува сијалици, а да продолжи приватно јавно партнерство. ЕВН исто така не извести и за одредени проблеми во поврзувањето и кои се појавија на самиот терен, вели Тасев.

Тој додава дека на примпоредавањето на функцијата за случајот го известил сегашниот градоначалник, а дододека тој бил на оваа функција имаат судска одлука во нивна полза.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *