За соработката на Славе Катин со големиот хуманист – Атанас Близнаков

Треба во светлината на иднината

да се согледува тајната

на минатото и сегашноста

за да се зајакнат вистинските вредности

Народна мудрост

Монографското дело „Атанас Близнаков“, кое е во издание на Ректорат на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Скопје, 2017, 320, (на македонски и англиски) е посветено нанајголемиот донатор во македонското иселеништво, Атанас Близнаков роден во селото Д’мбени, Костурско, а живееше во Гери,Индијана, во Соединетите Американски Држави. Атанас и Славка Близнакови со формирањето на Фондацијата „Атанас Близнаков“ отворија една нова страница во историјата на донаторството за Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, за македонските студенти, македонскиот народ и македонското иселеништво.

По формирањето на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф”, донаторот Атанас Близнаков, заедно со својата сопруга Славка имаа бројни средби, настапи и разговори, особено тие беа присутни во медиумите во републиката и пошироко. Така, Атанас Близнаков имаше повеќе настапи пред Универзитетскиот совет, во Матицата на иселениците од Македонија, пред јавноста, преку медиумите и на други места. Во прилог поместуваме еден оригинален текст авторот на двете монографии за Атанас Близнаков, Славе Катин и вели: 

Познанството со Атанас и Славка Близнакови датира од 1976 година, кога тие се сретнаа и разговараа заедно со родителите на авторот на ова дело, Санда и Јосиф Ничевски, кои исто така, како печалбари живееја во Торонто и беа дојдени во татковината. Средбата беше срдечна, присна, македонска, како меѓу иселеници, а се одржа во Матицата на иселениците од Македонија.

Се разговараше за животот во САД и во Канада, за идните планови и желби. Меѓутоа, доминантна беше темата за враќањето во Македонија. Тогаш се слушна дека Атанас Близнаков има намера да формира фондација при Универзитетот во Скопје, што секако беше примено со одушевување и со радост.

Поинтензивното пријателствување и соработка со Атанас Близнаков започна во 1979 година. Имено, во тој период, овој доблесен патриот и донатор постојано доаѓаше во Матицата на иселениците од Македонија, институција што тој ја сметаше за свој втор дом. Во тој период претседател беше Живко Василевски, кој искрено и со почит го помагаше формирањето и опстојувањето на Фондацијата и на целокупниот живот на брачната двојка Близнакови.

Димче Мире заедно со Томе Буклески беа постојани членови и најзаслужни за формирањето на фондацијата. Димче Мире, пак, беше прв претседател на Матицата, а потоа Томе Буклески, додека Наум Пеов, роден габрешанец, кого Атанас Близнаков го сметаше за соселанец и почитуван Македонец од егејскиот дел на Македонија, беше потпретседател во тој период.

Во тој период главен и одговорен уредник на списанието „Македонија” беше доајенот на македонското новинарство Христо Андоновски, кој со голема љубов и почит се однесуваше кон сé она што Атанас го пишуваше, слично како и во времето кога главен и одговорен уредник беше Иван Точко кога Атанас често се јавуваше со свои текстови. Секретар беше Трајан Бафтировски, а по него Васил Зигоманов, кои пак многу му помагаа на организационен и технички план во животот воопшто.

Исто така, и другите вработени во Матицата, како: Радмила Трифуновска, Драгица Геровска, Снежана Златевска, Страшо Ристевски, Цвета Спироска, Лилјана Мицковска, Миле Трајков, Аница Ѓошева и Родна Данаиловска, вклучувајќи го и авторот на овие дела, кој беше преведувач и новинар во списанието „Македонија“, дадоа значаен придонес за афирмација на ликот и делото на Атанас и Славка Близнакови.

Тоа особено беше изразено кога Атанас Близнаков се зафати за подготвување на Монографијата за селото Д’мбени, за што вработените во Матицата, заедно со д-р Тодор Симовски, дадоа голем прилог неговиот труд да види бел ден, а неговата желба за родното село Д’мбени да се оствари.

Од година во година соработката и пријателските односи со Атанас Близнаков се прошируваа и се продлабочуваа. Често беше посетуван во домот во зградата во населбата Карпош IV, каде што остана извесен период и каде што поради далечината не беше многу задоволен. Потоа, кога тогашниот Извршен совет им го додели на брачната двојка Близнакови станот на ул. „Орце Николов”, тоа претставуваше голема чест за неговите заслуги како донатор, и таму му олесни животот.

humanist2   humanist3

Од новиот стан, Атанас пешки ги посетуваше Матицата и другите институции, а со авторот на овie делa често се среќаваше во ССРНМ, во поранешната зграда на ЦК СКМ. Просториите беа блиску до неговиот стан на ул. „Орце Николов” и за Атанас тоа беше олеснување да дојде да разговара за Фондацијата, за бизнисот, за политиката, за состојбите во САД и ширум светот.

Тоа придонесе пријателството, довербата и соработката да се прошират и да се продлабочат, особено кога Атанас го довери водењето на коресподенцијата што се вршеше на англиски јазик, како за Фондацијата така и со многу банки, со социјални и пензиско-осигурителни асоцијации во САД.

Во работењето Атанас Близнаков беше тактичен, мудар и секогаш се однесуваше одмерено. Мудро ја водеше целата финансиска конструкција на акциите што ги поседуваше во САД и имаше големо познавање за начинот и методите во акционерскиот бизнис. Затоа, средствата на Фондацијата се зголемуваа од ден на ден. Тоа, секако, се должеше и на фактот што Атанас беше редовно информиран од „Прудентиал Секурити“, од господинот Роберт Хардин, агенција која му даваше позитивни насоки за успешно водење на акциите.

Како резултат на добрата соработка и присните пријателски односи меѓу Славка и Атанас Близнакови, од една страна, и семејството на авторот, од друга страна, донаторот Близнаков одлучи по смртта на Димче Мире, авторот на овие редови да биде постојан и доживотен член на Фондацијата „Атанас Близнакоф”. Со тоа, соработката уште повеќе се зголеми, се збогати, се продлабочи и стана поприсна и доверлива.

Во реализирањето на сите барања и желби на донаторот Близнаков непроценливо големо е значењето, улогата и разбирањето на ректорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во периодот од дваесетина години, а особено присниот и коректен однос и големото разбирање на секретарот на Ректоратот Душко Сековски, кој скоро по формирањето на Фондацијата до смртта на Атанас, заедно со Дочка Тодоровска, беа десна рака и извршители на желбите на Близнакови.

Од 1990 година Атанас Близнаков беше особено заинтересиран за собирање на средствата на Фондацијата на едно место. Така, од повеќе разговори во 1993 година, тој одлучи средствата на Фондацијата што беа во акции во САД да бидат запишани на име на Фондацијата, а да останат во „Пруденшиал секјурити“ во Чикаго, со што ќе се избегнат и елиминираат некакви непријатности по неговата смрт. Тоа и се направи. Меѓутоа, средствата кои останаа во Југобанка, подоцна во Народна банка, за Атанас претставуваа еден вид проблем и покрај тоа што тој беше свесен за сите политички превирања и промени во општеството во Македонија.

Соработката со Атанас Близнаков продолжи до последните денови од неговиот живот. И покрај старосните болести, Атанас знаеше да разговара и да одговара на многу прашања и живо да се интересира за Фондацијата. Притоа со гордост зборуваше за Фондацијата дека е во сигурни раце и дека има убава иднина.

Неговата желба беше членовите да ја чуваат Фондацијата, да се грижат за нејзиниот развој, за нејзиното правилно, искрено и добротворно работење и развој.

Исто така, негова желба беше Монографијата за неговиот живот и дело да се отпечати по неговата смрт.

Продолжува

 Katin6
Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *