Општина Струмица подготвена за електронски услуги на граѓаните

Работиме на развивање на електронскиот упис на деца во градинки, а следниот проект ќе биде електронско запишување на децата во училиштата и ред други услуги и документи кои се потребни на граѓаните, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на трибината за дигитализација на јавните услуги во државата што се одржа денеска во Струмица.

Одговарајќи на новинарско прашање за досегашните искуства од користењето на електронските услуги, министерот Манчевски одговори дека во моментот се нудат 128 електронски услуги од кои 70 постоеле од претходно, но биле на различни места и сега се наоѓаат на Националниот портал за електронски услуги и 58 се нови услуги.

-Имаме над еден милион активни електронски идентитети на граѓаните, што значи овие граѓани поседуваат корисничко име и лозинка со кои може да се најават на сајтот и да добијат одредени услуги, но досега граѓани што побарале од било кој тип на усуги се некаде над 8 илјади. Тоа значи дека треба да работиме и понатаму на зголемување на употребеноста на самиот портал и на сите ови системи. И тоа е една од главните причини зошто сме тука и одиме низ државата за да ги запознаеме граѓаните што се можат да добијат преку порталот и самите институции, одговори министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски информираше дека општината е подготвена за имплементирање на електронските услуги.

-Ние обучивме двајца наши претставници од Одделението за услуги на граѓаните и месната самоуправа, кои секојдневно ќе бидат на услуга на граѓаните околу првичните потреби за апликација, регистрирање и информации од секаков тип во врска со овие олеснувања, кои благодарение на министерството за информатичко општество се креираат и промовираат, рече градоначалникот Јаневски.

Како дигитализацијата на јавната администрација ќе ја олесни работата на бизнис заедницата говореше Глигор Ризов, од компанијата „Source MX“, а на трибината се обрати и Мими Табанова, претседателка на Здружението за локална демократија „Центар на заедницата“ од Струмица .

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *