Во пресрет на 50-то издание на фестивалот „Илинденски денови“

Фестивалот „Илинденски денови“, кој годинава 50-ти пат ќе биде презентиран во Битола, е реномирана сцена за промоција и презентација на интернационалното живо културно наследство, стожер за духовно поврзување на Македонците од целиот свет и голема инвентивна идеја за задоволување дефинирана културна потреба. Ете, со такви амбиции сегашната генерација се подготвува за 50-то јубилејно издание и сè со цел да ја продолжи традицијата на претходниците.

Според документацијата и фестивалските монографии, првото издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ се подготвува во рана пролет во 1971 година, кога е формиран првиот совет на фестивалот предводен од Гога Николовски, а меѓу другите членуваат и Вера Стојчевска-Антиќ, Владимир Костов, Томе Момировски, тогашниот директор на битолскиот театар Димче Стефановски, Илија Алушевски, Кирил Танчевски и уште десетина други истакнати македонски вљубеници во фолклорот, народната култура и творештво.

„И еве, слободната матица ги собра сите свои игроорци на фестивалот „Илинденски денови“, дамнешни, скорешни и сегашни, и со вперен прст и сигурен поглед во иднината како да го експонира ликот на Македонија. Да ни е среќен почетокот на фестивалскиот првенец!“, пишува во првиот фестивалски билтен во кој, наместо вовед, е понуден Блосов за првенецот.

Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ се темели на трајни вредности содржани во богатото народно духовно и материјално културно наследство, ги негува автохтоните и изворни фолклорни изрази, поттикнува на зачувување и пренесување на народната култура на идните генерации и, како што вели м-р Валентин Соклевски, долгодишен програмски селектор на фестивалот, овој настан овозможува воспоставување духовен мост со сите светски вљубеници во нашата и светската културна традиција и креирање репрезентативна сцена, која годинава на Илинден ќе го доживее 50-то фестивалско издание.

– Темелите на фестивалот ги поставија стручни луѓе, ентузијасти, сонувачи, визионери… Тие создадоа жариште, вруток, срце на еден културен организам, кое силно пулсира, мотивира, поттикнува и едуцира. Ова е фестивал чија племенита мисија е врзана со највредните човекови креации, кои ги издржале вредносните критериуми низ вековите. И исто така важно, ова е фестивал што ја презентира, ја афирмира и ја документира тапијата на бесценетата македонска народна културна традиција. Ние знаеме дека секоја генерација треба да ги знае, да ги научи и да ги развие „Тешкото“, „Копачка“, „Невестинското“, „Комитското“… и уште недоброени други македонски ора со што ќе вгради свое камче во мозаикот, вели Соклевски.

Одбројувањето на фестивалските изданија на „Илинденски денови“ почнува во 1971 година, кога јавна поддршка даваат тогашното Собрание на Општина Битола, Културно-просветната заедница на Македонија и оттогаш до денес секоја година се одржува под покровителство на македонското Собрание. Првото фестивалско издание минува во знакот на 20 фолклорни ансамбли од цела држава и се одржува во прекрасниот амбиент на летната сцена на Домот на Армијата во Битола, односно пред Офицерски, каде што адаптирани за сценска презентација се изведуваат сегменти од богатата духовна обичајна традиција, свадбарски, божиќни, велигденски, жетварски, водичарски и воденичарски и други разни трудови на кореографи од културно-уметничките друштва и фолклорни групи. Оттогаш до ден-денес фестивалот почнува со фестивалско дефиле по Широк сокак, кое завршува пред фестивалската сцена.

Квалитетот продуциран на фестивалот е единствена причина за да привлече стручни лица и фолклорни ансамбли од целиот свет кои, освен што го истражуваат фестивалот, и лично настапуваат со своите ансамбли и фолклорни групи. Мостовите на соработка овозможија двострана комуникација, афирмација на македонскиот фолклор на сите меридијани и, обратно, со интернационализација на фестивалот Битола стана „фолклорен гринич“, каде што се збираат, се сплотуваат и соработуваат различни народи и етникуми од цел свет.

– Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ е единствениот македонски фестивал член на Светската асоцијација на фолклорни фестивали – ЦИОФФ и тоа е голема работа. Тоа овозможува брза препознатливост меѓу светски познатите фестивали, учество на фолклорни групи од сите континенти, податок што од поодамна сме го архивирале и што ни овозможува директно да придонесуваме за промоција и заштита на народната култура во светот за што поседуваме сертификат од ЦИОФФ, појасни Соклевски, потсетувајќи на незаборавните интернационални фестивалски вечери, кои последниве години се одржуваат во амфитеатарот на античкиот локалитет Хераклеја.

Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ новите генерации ги инспирира со придружните манифестации, кои отвораат нови културни страници. Детската загледаност, чистите зеници на секое дете овозможуваат генетичка и синкретичка синтеза на битните особености на македонската културна традиција и современост и затоа последниве години во Битола се организираат манифестации за деца и млади, семинар за традиционална музика и игра, стручни презентации и дебати, сè со цел да се потврди фактот дека изворите на фолклорот нема никогаш да згаснат.

Во пресрет на 50-то издание на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ оформи информативен документациски центар, каде што се чуваат видео, фоно и фотоматеријали од досегашните 49 фестивалски изданија за да ги користат идните генерации и да не дозволат тапијата да исчезне или, како што посочува етонологот м-р Валентин Соклевски, изворите на фолклорот не смее да секнат, а наша обврска е со капки вистински вредности што извираат од дамарите да ги напоиме идните генерации.

Марјан Танушевски

 

One thought on “Во пресрет на 50-то издание на фестивалот „Илинденски денови“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *