Во Свети Николе се гради социјална зграда по 30 години

Во Свети Николе по 30 години се гради нова социјална зграда за 48 лица од социјално ранливите категории. Зградата треба да биде готова за 18 месеци.

На почетокот на изграбата на зградата во населбата „Лозов расадник“ присуствуваа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски и градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски.

– Со задоволство можам да констатирам дека Владата е силно фокусирана на изградба на социјални станови и помагање на социјално ранливите категории. Тоа го работиме во континуитет, тоа го покажавме и ланската година.  Имаме една силна пресвртница, во делот на она што до пред неколку години се правеше и она што сега е Владина политика, вели Сугарески.

Тој посочи дека лани капиталните инвестиции во делот на изградбите на социјалните згради изнесувале 100 проценти.

Директорот на Акционерското друштво за стопанисување со танбен и деловен простор, Кристијан Трајковски информира становите се со површина од 34 до 46 метри квадратни, а како акционерско друштво остануваат посветени во текот на годината да се почне и изградбата на останатите социјални згради во градовите, кои се предвидени според програмата.

-Очекувам во наредниот период, исто така зградата во Виница да се пушти, зградата во Бутел исто така и очекувам уште седум набавки до крајот на четврти- петти месец да бидат завршени. Тоа значи дека во период од година, година и пол ќе бидат почнати вкупно 13 станбени единици, со оваа намена, рече Трајковски.

Вкупната инвестиција во изградба на нови социјални згради низ градовите во земјава изнесува околу 10 милиони евра.

-Најголема зграда е таа во Бутел, со 312 станови, во којашто дом ќе добијат 312 семејства, а останатите згради се во просек, како и останатите, од 30 до 48 станови. Освен тие пет локации, коишто се предвидени во буџетот, додадени се и уште три нови локации: Демир Капија, Прилеп и Кочани, информира Трајковски.

Градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски истакна дека по три децении се случува нешто ново во овој град и изрази надеж дека изградбата на социјалната зграда ќе биде завршена во предвидениот рок.

-Верувам дека наредната година ранливите категории од Општина Свети Николе ќе можат да конкурираат за добивање на овие социјални станови, рече Велковски.

Забележа дека со изградбата на оваа зграда ќе се реши проблемот на социјално ранливите семејства, а ќе добијат и современи услови за домување.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *