Битола и Херцег Нови со мажоретки го најавија празникот на мимозите

Збратимените градови Битола и Херцег Нови со мажоретки од Црна Гора го најавија празникот на мимозите кој секоја година почнува на 14 февруари во овј црногорски приморски град.

Уметниците од Црна Гора на Широк Сокак изведоа перформанс и настапија пред љубопитните битолчани и официјалните лица од двата града кои со изјави за медиумите ја потврдија желбата за соработка.

-Културната програма посветена на празникот на мимозите која секоја година се изведува во збратимениот град Херцег Нови, денес се претставува и во нашата Битола. Овој настан е уште една потврда на соработката што беше интезивирана минатата година, соработка меѓу два збратимена града во кои останал духот на пријателството и за кои постојат многу полиња во кои можеме да соработуваме, посебно во областа на културата, истакна градоначалничката на Битола Наташа Петровска и најави активности за зближување на двата градови по кусиот застој во меѓусебната соработка.

Караванот посветен на празникот на мимозите е претходница на бројните настани кои во текот на месец февруари се одржуваат во Херцег Нови.

-За 51. празник на мимозите имаме голема културна понуда и очекуваме со ова обновување на соработката меѓу Битола и Херцег Нови, да се зајакне тоа што е направено во 1965 година кога тие беа збратимени. Овој собир на среќни луѓе, многу цвеќе и музика е отворена покана за празникот на мимозите во Херцег Нови, порача Тамара Вујовиќ, советник на претседаелот на Општина Херцег Нови.

Според почесниот конзул на Црна Гора во РС Македонија со седиште во Битола, Миодраг Андријашевиќ културните настани се една од најдобрите можности за директна соработка.

-Мојата функција почесен конзул на Црна Гора во РС Македонија е врзана со мотивирање на културната соработка меѓу двата града. Денес во Битола се уметници од збратимениот Херцег Нови и тоа е уште една убава прилика за размена на идеи и воспоставување нови соработки, посочи почесниот црногорски конзул во Битола, Андријашевиќ.

На атрактивната културно-забавна манифестација во Битола присуствуваше и заменик министерот во Министерството за образование и наука Елизабета Наумовска и таа кусо изјави дека ја поддржува меѓународната соработката со соседните држави.

-МОН секогаш е отворено за продлабочување на оваа соработка и на полето на образованието и науката, рече Наумовска.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *