Двајцата соговорници оцениле дека периодот до изборите е посебно значаен, земајќи ги предвид очекувањата за полноправно членство на Република С. Македонија во НАТО и за функционалност на институциите според воспоставените демократски и европски стандарди, во пресрет на загребскиот Самит на ЕУ и очекуваниот исчекор во евроинтеграциите.
-Ги направивме сите потребни реформски процеси во изминатите две и пол години и продолжуваме како Влада да работиме во таа насока. Спроведовме три фер изборни цилкуси, во 2017, 2018 и 2019 година и очекувам дека сите политички субјекти ќе бидат на висина на задачата и во оваа 2020 година и ќе спроведеме и организираме фер и демократски избори. Протоколот за членство во НАТО е доставен на ратификација во Собранието, во очекување на завршувањето на техничките процедури во Шпанија и нашите очекувања се за широка политичка поддршка за остварувањето на оваа стратешка државна цел. Како Влада, остануваме посветени и на реализацијата на Преспанскиот договор и на добрососедските односи што ги воспоставивме со соседите и што придонесе за перспективите на нашата држава, истакнал Спасовски.
Претседателот на Владата се заблагодарил на италијанскиот премиер Конте и на италијанската Влада, за поддршката на нашата држава во сите важни развојни и демократски процеси, вклучувајќи ги и Договорот од Преспа, НАТО интеграциите и заложбите на Италија, нашата држава да ги отвори заслужените преговори со ЕУ.