Прием на претседателот Пендаровски за претставниците на дипломатскиот кор

Претседателот на Република С. Македонија, Стево Пендаровски, вчеравечер се обрати на приемот приреден за претставниците на дипломатскиот кор, акредитирани во нашата земја.

Пендаровски на членовите на дипломатскиот кор им посака добредојде на традиционалниот новогодишниот, посакувајќи им во новата 2020 година добро здравје и лична среќа, а на нивните држави многу успеси и напредок на секое поле.

Тој нагласи дека и понатаму неговиот кабинет останува целосно отворен за уште подинамична соработка со нив, со цел да се продлабочат билатералните и мултилатералните односи за сите прашања од заемен интерес. Транспарентноста и динамичноста, истакна тој, се меѓу моите основни принципи на работа и на внатрешен и на меѓународен план.

Претседателот на државата додаде дека годинава се навршуваат неколку јубилеи од воспоставување на дипломатските односи со 20-тина држави во светот, како и 25 години од нашето членство во ОБСЕ, Советот на Европа и Партнерство за мир на НАТО, посочувајќи дека овие јубилеи се одлична можност за нови иницијативи со кои на најдобар можен начин ќе ги одбележат нашите заеднички активности и нашите заеднички успеси.

– Доволно ме познавате за да знаете дека не сум склон да ги користам вообичаените фрази и да предвидувам дека „оваа година ќе биде историска“, но, според многу параметри, 2020-та има предиспозиции да биде мошне значајна и за нас како држава, и за регионот, истакна Пендаровски.

Тој посочи дека претстојните неколку месеци на внатрешен план се период на организација и спроведување на најавените парламентарни избори.

– Во оваа прилика сакам уште еднаш јавно да изјавам дека од преодната Влада очекувам изборите да ги организира во фер и демократска атмосфера, а од партиите очекувам одговорно однесување, онака како што доликува на една организирана демократска држава, членка на НАТО и идна членка на Европската Унија.  Исто така очекувам, веднаш по завршувањето на изборите, брзо да се формира владата и во таа насока јас сум подготвен да придонесам со доследно почитување на уставните одредби при доделувањето на мандатот. Интересот на сите граѓани на оваа држава, без разлика која политичка опција ја поддржуваат е реформските и интегративните процеси да продолжат без застој. Независно кој ќе победи очекувам да продолжи со спроведување на неопходните реформи во насока на реализација на консензуално изградените државни позиции за нашите стратешки цели, рече претседателот Пендаровски.

Шефот на државата потенцираше дека државата има два главни надворешно-политички приоритети.

– Годинава ќе станеме членка на НАТО што ќе ја зголеми нашата одговорност и кон граѓаните и кон сојузниците. Со членството ние стануваме дел од евроатлантската заедница и ќе ги споделуваме привилегиите, но, и обврските од членството. Како врховен командант на вооружените сили ќе се залагам вложувањето во одбраната да го достигне стандардот од најмалку дв отсто од БДП, во предвидениот рок, за да можеме да се адаптираме кон брзите геополитички и безбедносни промени и ефикасно да придонесуваме кон мирот, безбедноста и стабилноста на Европа, изјави Пендаровски пред претставниците на дипломатскиот кор.

Тој посочи дека проширувањето на Европската Унија кон западниот Балкан никогаш не било само економско, туку и геополитичко и безбедносно прашање, никогаш не било само комерцијален интерес, туку и споделување на заеднички вредности и убеден е дека хрватското и германското претседавање со Унијата се можност и за наш исчекор во европските интеграции.

Ги информира претставниците на дипломатскиот кор дека пораките кои во континуитет доаѓаат од највисокото раководство на организацијата, претседателот на Советот Мишел и претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен недвосмислено се во насока на комплетирање на Европската Унија со државите од нашиот регион, додавајќи дека тие пораки ни даваат надеж и го одржуваат оптимизмот во општеството. – Посакувам, што поскоро, сите држави-членки на ЕУ да го препознаат овој клучен момент за храбри и конкретни чекори во оваа насока. Во тој контекст, очекувам и апелирам новата методологија за водење на преговорите да биде усвоена најдоцна до крајот на март 2020, а паралелно со усвојувањето на методологијата да биде донесена и одлуката за доделување датум за почеток на преговорите со С. Македонија и соседна Албанија. Преговорите нам не ни се потребни како политички трофеј, туку, како инструмент и процес за време на кој ќе се менуваме и реформираме за ги достигнеме неопходните стандарди по кои се препознаваат европските демократии, посочил Пендаровски.

Тој нагласил дека независно од резултатот на изборите, очекува и во рамки на неговите надлежности ќе настојува, С. Македонија да продолжи по патот на добрососедството. Тој смета дека со Преспанскиот договор со Грција и Договорот со Бугарија отворивме простор за да затвориме тешки прашања од минатото и да понудиме сериозен влог во нашата заедничка иднина како пријатели. Изразил убедување дека успешната мултилатерална соработка во НАТО и во Европската Унија ќе биде уште поуспешна со добра билатерална соработка, пред се, со најблиските, со соседите, врз основа на меѓународното право и добрата волја од двете страни за коректно читање и взаемно почитување на договореното.

Кога зборувам за добрососедството и регионалната соработка, истакнал тој, очекувам дека оваа година, дијалогот Белград-Приштина ќе добие нова динамика, пред се, во интерес на двете држави, но, и во интерес на пошироката регионална стабилност и соработка. Тој изрази уверување дека секое решение што ќе го договорат Белград и Приштина и кое ќе биде во насока на почитување на суверените права и територијалниот интегритет на сите соседни држави ќе ја добие нашата поддршка.

– Конечно, сакам да се осврнам на мојата иницијатива за стратешко отворање на С. Македонија кон државите кои не се членки на НАТО и на ЕУ. Во моето годишно обраќање реков, во оваа прилика ќе повторам: сега, кога сме defacto членка на НАТО, немаме ниту една причина да бидеме резервирани во односите со државите кои не се дел од евроатлантскиот простор, а дијалогот и соработката со нив треба да ги градиме врз основа на легитимните економски интереси на нашите држави, при тоа, почитувајќи ги политичките разлики по определени прашања, истакна Пендаровски.

Тој информира дека веќе наредната недела ќе биде во работна посета на Израел кадешто ќе учествува на Светскиот форум за Холокаустот, по повод 75 годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта во Аушвиц.

– Неодамна, за жал, во нашиот јавен дискурс беа споделени изолирани коментари кои од припадниците на Еврејската заедница беа протолкувани како антисемитски. Слободата на изразување е фундаментално човеково право,но, при тоа, сите ние, мораме да внимаваме на нејзините легитимни граници кога нечиј коментар може да ги повреди чувствата на еден народ или религија преку влечење на погрешни историски паралели. Пред нас е период на кампања и вжештена предизборна реторика. Од тие причини, повикувам на поголема внимателност и воздржаност, затоа што мојот народ буквално никогаш во историјата не бил поврзуван со антисемитски сентименти и ставови, нагласи претседателот на државата Пендаровски на новогодишниот прием со претставниците на дипломатскиот кор.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *