Општина Битола првпат формира ЈП за паркинзи

Општина Битола е основач на повеќе јавни претпријатија, општински установи и институции, а во 2019 година формира Јавно претпријатие за изградба и одржување јавен простор за паркирање и уредување и организирање јавен локален превоз на патници во Општина Битола, кое сите го нарекуваат ЈП за паркинзи – Битола.

За прв директор на претпријатието беше избран Зоран Дојчиновски, дипломиран машински инженер, кој на таа позиција дојде од местото технички директор на ЈП „Комуналец“ – Битола, како солиден познавач и со 18-годишно работно искуство во локалната самоуправа.

Според Дојчиновски, довербата дадена од градоначалничката Наташа Петровска, освен предизвик, е и одговорност за успешна реализација на општинскиот проект.

– Огромното искуство во работата во локалната самоуправа и мојот дополнителен ангажман како стручно лице во одредени државни и локални институции ми овозможи определени проблеми да се решаваат брзо и навреме. Анализата за формирање на јавното претпријатие почна со иницијатива од Општината, есента 2018 година, кога Советот на Општина Битола донесе одлука за формирање јавно претпријатие со ваква дејност. Општина Битола формира работна група со стручни лица со цел да се забрзаат постапките за формирање ЈП. Се одржаа работни состаноци со секторот за сообраќај при СВР – Битола и со јавни претпријатија од повеќе градови во државата со цел да се добијат потребни информации што се однесуваа на формирањето на јавното претпријатие, се подготвуваа правни акти и правилници за работа, како и технички податоци што се однесуваа на воспоставување систем на паркирање, односно податоци за времетраење паркинг-сесии, податоци за број на возила, податоци за системите за работа на паркиралишта и сè што беше потребно за анализирање на состојбата. Користевме податоци и од изработената студија за сообраќаен режим во Општина Битола, а од голема помош за почнување со работа беше веќе изработената проектна документација што се однесуваше на зонскиот ситем на работа, односно трите основни сообраќајни проекти за режим на сообраќај за зонско паркирање на јавни површини и паркиралишта во централното градско подрачје, потсети Дојчиновски на процедурата и пристапот во формирањето на новото локално претпријатие во Битола.

На подрачјето на Општина Битола режимот на сообраќај за зонско паркирање или системот на паркирање се одвива во три зони во кои место за паркинг може да користат околу 26.000 битолски возила, не сметајќи ги возилата на гости во градот, а тоа, според Дојчиновски, не е доволно во однос на побарувачката за паркинг-место.

– Првата или зона А е организирана во девет подзони и три затворени паркиралишта со вкупно 589 места за паркирање, а од нив 19 се за инвалидизирани лица. Во зона Б има осум подзони, а вкупниот број места за паркирање е 562 од кои девет места се наменети за инвалидизирани лица и во третата Ц-зона има 185 паркинг-места од кои три места се наменети за инвалидизирани лица. Во оваа зона е и паркинг-просторот кај спортската сала со вкупно 175 паркинг-места за патнички автомобили, 6 места за инвалидизирани лица кои користат автомобил, 22 места се за комби-возила и 17 места за паркирање автобуси. Во сообраќајното решение е содржана и хоризонталната и вертикалната сигнализација, обележани се сите паркинг-места и се поставени 105 информативни табли. За работа со зонскиот систем на паркирање е воспоставен компјутерски софтвер за работа. Според податоци добиени за 2019 година на територијата на Општина Битола има околу 26.000 возила и според мене овој број на паркинг-места делумно ги задоволува потребите на граѓаните, вели Дојчиновски.

Новото локално јавно претпријатие за поголема ефикасност и подобар имиџ инвестира во нов паркинг-простор, обележување и инфраструктурно уредување за, како што вели Дојчиновски, да се смени лошата состојба што ја наследиле од дотогашниот приватен концесионер.

– Од приватниот концесионер наследивме мошне лоша состојба на паркинг-просторот, посебно во делот на затворените паркинг-простори, и затоа една од моите главни задачи беше да се изврши уредување и санирање на инфраструктурата. Извршивме бојадисување на сите столбови и замена на информативните табли, како и комплетно обележување на сите паркинг-места. Во најлоша состојба беше паркинг-просторот кај Стоковна куќа „Јавор“, но паркингот комплетно го асфалтиравме, обележавме и осветливме. Исто така го уредивме паркинг-просторот кај „Стара автобуска“, а на локацијата кај спортска сала извршивме делумно санирање со крпење дупки на паркинг-просторот. Како јавно претпријатие инвестиравме околу 32.000 евра за компјутери и компјутерска опрема, за нови фискални каси, за хоризонтална сигнализација и информативни табли, а канцеларискиот простор го уредивме и го опремивме со инвертери, појасни Дојчиновски.

Во Битолски паркинзи вработените се опремени со квалитетна ХТЗ-опрема за непречена работа на отворен простор. Цената на паркинг-услугите е пониска од порано и, како што велат, економски исплатива како за граѓаните така и за нормално функционирање на претпријатието.

– Во 2020 година наша главна цел е да обезбедиме паркинг-места на нови локации. Планираме изградба на нови паркинг-простори од затворен тип на улица „Борка Левата“ кај поранешните бараки на УЈП – Битола, кај улицата „Лазо Трповски“ близу Широк сокак, како и кај улиците „11 Март“ и „Св. Наум“ спроти стоковната куќа „Јавор“. Покрај наведените активности Јавното претпријатие ќе се насочи кон решавање на проблемот со паркирање возила пред паркинзите на колективните згради и улици во делови на зонското паркирање, со воведување повластена паркинг-карта за резидентен паркинг, односно паркинг наменет исклучиво за станарите. Сепак, за реализација на овие идеи е потребна изработка на проектна документација, која, за жал, ја нема, и тоа основни проекти, сообраќајни проекти и геодетски проекти, и верувам дека тие може да се изработат час поскоро, вели директорот Зоран Дојчиновски и додава дека ЈП за наредната година има намера да отвори Служба за подигање непрописно паркирани возила или „Пајак-служба“.

Јавното претпријатие за изградба и одржување јавен простор за паркирање и уредување и организирање јавен локален превоз на патници во Општина Битола пред крајот на минатата година во соработка со Општина Битола и ЕВН Македонија на локација кај спортската сала „Боро Чурлевски“ постави полнач за бесплатно полнење електромобил, а во наредниот период планираат да ја прошират својата дејност во делот на хоризонталната сигнализација на патиштата во Општина Битола, за што набавија специјализирано возило за обележување на коловозите.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *