Започна василичарскиот обичај „Ѕвегорска Сурова”

Со посета на домовите на жителите на село Ѕвегор, денес во раните утрински часови започна василичарскиот обичај Ѕвегорска Сурова, традиција стара над 100 години која завршува со откривањето на невестата која е главна маска на карневалот.

Суроваскарите меѓу останатите куќи ја посетија и куќата на овогодинешниот кум, кој е задолжен за организацијата на заедничката веселба, која заедно со традиционалната суроваскарска вечера се организира во селскиот дом. За кумот Ѓорѓи Манов најважно е што и годинава обичајот продолжи во духот на она што од секогаш било карактеристично за Ѕвегорска Сурова.

-Денеска е 14 јануари Василица или Сурова на наш дијалект кажано. Правиме голем фестивал или да го наречам обичај кој започнал пред  100 години и трае и ден денешен. Задоволен сум таа година од маскираните учесници во Ѕвегорската Сурова. Вечерва ги поканувам сите граѓани да дојдат на заедничката забава, да се провеселиме и да ја продолжиме традицијата, истакна Манов.

За тоа како се изведувала Сурова порано, во кратки црти за МИА раскажа старосватот во годинешниот обичај Живко Цонев.

-Имаше време кога за време на Сурова се криевме од полицијата, тие не го гонеа по селото за да не се одржува. Инаку традицијата е од одамна од турско, порано ноќе не смеело да се оди на Сурова, не давале Турците и затоа веќе години наназад Сурова се одржува преку ден. Јас порано одев, но остарев и тоа им го препуштив на помладите, рече Цонев.

Белаците се една од позначајните маски на Ѕвегорска Сурова покрај невестата. Тие ја чуваат да не биде откриен предвреме бидејќи на тој начин обичајот завршува. Годинава како што истакна учесник во традицијата кој ја има улогата на „Белак“ на Сурова учествуваат над 40 различни маски.

-Имаме над 40 маски, Белаци, Цигани, Мечка, Мечкар, меѓу другото и собирачи на она што ќе го дадат домаќините, а што ќе биде на трпезата на вечерашнава забава. Моја задача како Велак е да ја бранам невестата да не ја откријат, зошто ако ја откријат Сурова не е успешна. Упатувам порака до младите да учествуваат се помасовно и да ја продолжат оваа традиција, истакна учесник во карневалот.

-Мојата маска е млада Ромка со бебе, како што кажав и претходно на младите ќе им порачам да учествуваат и да ја продолжат традицијата се додека постои човештвото, истакна најстариот учесник Иван Гоцевски.

Ѕвегорци останаа да го бркаат злото од селото кое е едно од верувањата поврзано со овој обичај се до моментoт на откривањето на невестата, по што ќе продолжи заедничката веселба помеѓу учесниците во овогодишниот василичарски обичај.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *