Папата Франциск во Скопје: Прва посета на еден понтиф на земјава

На 7 мај минатата година папата Франциск престојуваше во еднодневна посета на Скопје, што претставуваше прва посета на еден поглавар на Римокатоличката црква на земјава во историјата.

По заминувањето од Скопје, кое беше втора етапа од неговата екуменска посета на Бугарија и Северна Македонија, папата оцени дека „Македонија е портата преку која христијанството влезе во Европа“, бидејќи жителите на македонското тло биле првите Европејци на кои апостолот Павле им го пренел Христовото учење. Тој притоа напомена дека „Бугарија и Македонија се две древни, но и различни нации“, истакнувајќи дека „македонскиот народ има голема културно-историска традиција, но дури неодамна успеа да ја конституира својата државност“.

Светиот отец нагласи дека особено бил среќен што чул дека во нашата земја владее почит кон сите религии и постои почитување меѓу припадниците на различните верски заедници. Понтифот изрази охрабрување земјава да продолжи по патот по кој чекори со цел да претставува светилник на мирот, прифаќањето и плодна интеграција на култури, религии и народи.

Папата од Скопје упати пораки дека рамнодушноста и клеветите треба да се заменат со чувствителност и надеж и апелираше за надминување на стереотипите и за мир, соживот, за поголема љубов кон Бога и кон луѓето.

Понтифот одржа миса на плоштадот „Македонија“, на која присуствуваа околу 15 илјади граѓани – верници од земјава, но и од странство, како од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Шпанија, но и од Хондурас и САД, потоа почесни гости, македонскиот државен врв, верски лидери и љубопитни граѓани, кои беа таму за да видат една светски позната личност. Граѓаните трпеливо минуваа низ безбедносните пунктови и го чекаа папата, кој на плоштадот пристигна со папамобилот.

Поглаварот на Римокатоличката црква пред одржување на мисата имаше средба со државниот врв во вилата Водно, каде што се обрати и тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Папата притоа порача дека земјава е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде што се среќаваат голем број културни струи и претставува олицетворение на карактеристиките на регионот.

– Оваа мешавина на култури и етнички и религиозни идентитети доведе до мирен и траен соживот, каде што тие поединечни идентитети најдоа свој израз и се развиваа без меѓусебно одбивање, доминација или дискриминација, посочи понтифот.

Овие посебни карактеристики, според него, исто така се од огромно значење за интеграцијата со европските народи.

– Се надевам дека оваа интеграција ќе се развива на начин што ќе биде придобивка за целиот регион на Западен Балкан, преку постојано почитување на различноста и основните права, додаде папата Франциск.

Поглаварот на Римокатоличката црква имаше и средби со верските лидери во земјава. На средбата со папата присуствуваа поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и поглаварите на Исламската верска заедница Сулејман Ефенди Реџепи, на Евангелско-методистичката црква Михаил Цеков и на Еврејската заедница Берта Романо Николиќ. Папата со наведната глава се помоли и положи цвеќе пред споменикот на Мајка Тереза, каде што беше придружуван од четири чесни сестри, кои му припаѓаат на редот што го основа светицата родена во Скопје. Понтифот се сретна и со ранлива категорија граѓани, а имаше и меѓурелигиска средба со младите во Католичката црква и со свештениците и нивните семејства.

Папата имаше посебна средба со премиерот Зоран Заев и неговото семејство. Премиерот, осврнувајќи се на посетата на понтифот, истакна дека со овој настан уште еднаш е потврдена вековната духовна врска меѓу папската држава и нашата земја, воспоставена со мисијата на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и со чествувањето на нивното дело што секоја година заеднички се прославува во Рим и Ватикан. Премиерот Заев на средбата порача дека оваа апостолска посета е инспирација за народот на С. Македонија и го замоли папата Франциск да се помоли за доброто на граѓаните и на земјата.

За посетата на папата имаше голема медиумска заинтересираност. Околу 250 и над сто странски новинари ги следеа активностите на поглаварот на Римокатоличката црква во земјава. Инаку, за следење на апостолската посета на земјава и на Бугарија беа акредитирани околу 60 новинари, фоторепортери и сниматели од целиот свет, кои патуваа заедно со понтифот од Рим до Софија и Скопје и потоа, согласно ватиканскиот протокол, се вратија со него во Вечниот Град.

Меѓу акредитираните медиумски работници беа претставници на новинските агенции Ројтерс, Франс прес, Асошиејтед прес, ИТАР-ТАСС и АНСА, на телевизиите РАИ и Ен-би-си и весниците Стампа, Република, Кориере дела сера, Месаџеро, Монд и Асахи Шимбун. Од регионот, покрај МИА, посетата на папата во двете земји ја следеа и новинари на МРТ, бугарските телевизии БТВ и НОВА ТВ и загрепскиот Вечерњи лист.

С. Македонија дотогаш беше 42-та земја во светот што ќе ја посети папата Франциск по неговото устоличување на престолот во 2013 година. Неговата посета, што се случи на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските меѓу земјава и Ватикан, се оценува како потврда на патот по кој чекори земјава, пред сè интегрирањето во европските и евроатлантските структури, со оглед на тоа што папата освен верско има и големо политичко влијание во меѓународната заедница.

Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо, е Аргентинец со италијанско потекло. Тој е 266. поглавар на Римокатоличката црква и на оваа должност се наоѓа од 13 март 2013 година. Наследувајќи го Бенедикт Шеснаесетти, кој поднесе оставка, Франциск е првиот верски поглавар на 1,2 милијарда католици низ светот, кој доаѓа од Латинска Америка и е прв папа кој не е од Европа, по речиси илјада години. Папата Франциск е првиот језуит на чело на Ватикан. Токму приврзаноста на редот на језуитите ја објаснува неговата одлука како папа да го носи името Франциск, по светиот Франческо Асишки, светец заштитник на сиромашните.

Роден е на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес. Дипломирал на Теолошкиот факултет во Сан Мигел, a во родната Аргентина предавал и работел на ширење на верата. Во редот на језуитите се приклучил во 1969 година, а за кардинал бил избран во 2001 година. Работел на подобрување на угледот на црквата, која загубила многу верници, бидејќи отворено не застанала против диктатурата во Аргентина во 70-тите години од 20 век. Во 2005 година беше во најтесниот избор на претходната конклава, кога кардиналот Јозеф Рацингер беше избран за папа Бенедикт Шеснаесетти.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *