Новогодишно Обраќање на Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Почитувани,

Новогодишните празници секогаш се можност да направиме резиме на изминатите 365 дена и да си ги креираме очекувања, да си посакаме желби и да се надеваме дека ќе се остварат. Природно е да се надеваме на подобра и поуспешна година на секој план.

Нека во новата 2020 ве следи здравје и среќа. Тоа е најважната желба за вас и вашите најблиски! На почетокот на минатата порачав дека за се’ друго ќе мора заедно да се избориме!

Сега во предвечерјето на новата година, како никогаш порано, во мене има верба и надеж дека ќе успееме да се издигнеме од пепелта и да го вратиме националното достоинство. Македонската нација отсекогаш била предоредена да докажува, да го потврдува својот национален идентитет, да го брани светото име, да го заштитува историското наследство, да ги чува спомените на големите Македонски херои и дејци, кои најчесто ги положуваа животите бранејќи ја Татковината од душманите. Само големи народи кои ги менувале цивилизациите, се справуваат со проклетството да бидат цел на поделби, асимилации, присвојувања и негирања.  Македонците се древен народ кој како пиреј секогаш се издигнувал над премрежјата и го наоѓал вистинскиот пат.

Се што предупредувавме се оствари во изминатата година. Предавствата со Грција и Бугарија не ја забрзаа интеграцијата во ЕУ! Европските лицемери ги пуштија низ вода своите слепи поданици. Остануваме во чекалната и покрај сите шарени лаги. Македонија и да добие датум никогаш нема да стане член на постоечкиот формат на ЕУ. Дуваат нови ветришта, ништо нема да биде исто! Цврсто опстојувам на тврдењето дека членството во НАТО може да биде лек за националните понижувања! Нема светла иднина со темна историја на предавства!

Малцинскиот Претседател и немакедонската Влада се спротиставија на волјата на сопствените граѓани кои на пропаднатиот референдум ја испратија пораката. Свесно и со умисла ги изневерија светите идеали на нашите претци. Македонските национални интереси се распродаваат како да им се дадени на подарок. Договорот за добрососедство не ги сопре Бугарските провокации и срамни тврдења дека Македонската нација и историја се лажни! Договорот од Преспа не ги натера Грците ниту ознаките на автопатиштата да ги сменат, а камоли да го признаат Македонскиот идентитет. Единствено, властите во Атина и Софија станаа најголеми лобисти немакедонската Влада што подолго да владее, зошто знаат дека така најлесно ќе ги остварат сите свои уцени.

 

Во 2020 не очекува избор! Се бориме за нов изборен модел со една изборна единица и отворени листи, кои ќе го сменат досегашниот пазарџиски политички амбиент. Нацијата бара промени! Наша обврска е со демократски средства да ги поразиме предавниците! Потребни се луѓе, политичари, пратеници кои ќе мислат со своја глава, професионално изградени, отпорни на уцени, со личен интегритет и храбри за предизвиците кои следат!

Доаѓа ново време! Само силни нации обезбедуваат сигурна иднина! Предизвикот е враќање на се што е свето и Македонско назад! Без компромиси! Доста ни е од ЕУ лицемерието! Доста ни е од тапкање по рамо и лажни ветувања! Македонија има иднина како Балканска оаза на нашиот најважен стратешки сојузник – САД!

Браќа и сестри,

Моја водилка е Македонското Сонце на непокорот кое сиот мој живот ме турка напред во битката за економски просперитет, обединување на сите Македонци од светот и најважно од се’ да го зачуваме најсветото!

 

Никогаш Северна, Македонија вечна!

 

На сите Вас Ви посакувам Среќна Нова 2019 година, со желби за добро здравје, бериќет, успех на личен и професионален план.

 

Бог да не чува и нас и Татковината!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *