МАЕИ формира задграничен комитет во Битола

Во функција на реорганизација на партијата, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во Битола формира свој задграничен комитет кој ќе делува во рамки на партиската организација за Мала Преспа, информираше за МИА партискиот лидер Васил Стерјовски.

Членови на задграничниот комитет на МАЕИ во Битола се Македонци по потекло од Мала Преспа, кои живеат во овој град.

За претседател е избран Ставри Малевски, за потпреседател Михалаќ Никола и за секретар Ѓорѓи Андон. Исто така Ставри Малевски, Михалаќ Никола, Ѓорѓи Андон, Митре Ставре и Јани Насто беа избрани и за делегати за изборната конференција на општинскиот комитет – Преспа на МАЕИ.

Според Стерјовски, ова е прв задграничен комитет на единствената македонска партија во Албанија, по што ќе бидат формирани и во Скопје, Ресен, Охрид, како и во Солун и Лерин, каде што живеат и работат многу Македонци по потекло од Мала Преспа.

– На Македонците во Албанија им треба силна македонска партија. Мора еднаш засекогаш да ги оставиме зад нас кавгите и недоразбирањата. Интересите на Македонците во Албанија бараат да бидеме обединети. Треба партијата да ја консолидираме, да формираме комитети во цела Албанија каде што има Македонци, но и вон границите, каде што живеат Македонци по потекло од Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, вети Стерјовски по изборот за претседател на партијата, на Третиот конгрес што се одржа на 7 септември во Тирана.

Како што и беше договорено на Конгресот, на почетокот на овој месец, Централниот комитет избра четворца потпретседатели, по еден претставник од областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо, како и за Тирана каде што концентрацијата на Македонците е најголема.

Потпретседатели на МАЕИ се Ефтим Митревски од Мала Преспа, Сокол Докле од Гора, Едмонд Османи од Голо Брдо, како и Ендрит Фетаху од Тирана, додека генерален секретар е Таќо Гроздани.

Стерјовски рече дека паралелено со оваа активност, во тек се активности околу формирањето организации на ветараните, жените и младите, со цел МАЕИ да биде место за сите Македонци.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *