Предлог-буџетот на Општина Гази Баба за 2020 година нуди развој и решенија за децениските проблеми на граѓаните

Предлог буџетот на општина Гази Баба за 2020 година е развоен и содржи проекти кои ги вклучуваат сите граѓани на општината. Вкупниот буџет е проектиран на 416 милиони денари, распределени во повеќе буџетски програми. Со предложениот буџет се предвидуваат и повеќе капитални проекти кои директно ги решаваат проблемите на граѓаните кои со години ги имаат во своите населени места.

Околу 83 милиони се предвидени за инфраструктурни проекти односно за изградба, ревитализација, одржување и проектирање на објекти.

Изградба на улицата Јордан Пиперката, реконструкција на улицата Фуштанска, Жан Жорест, Никола Киров Мајски се само дел од улиците кои се дел од предвидената програма за изградба и реконструкција на улиците за 2020 година. Дополнително предвидени се 6 милиони денари за реконструкција на улици во Јурумлери и Трубарево каде е извршена изградба на фекална канализација, како и во новата населба Хиподром 2. Планирани се 5 милиони денари наменети за реконструкција на улици согласно утврдена листа од страна на Советот.

Со финансиска поддршка добиена од Владата за 2020 година обезбедени се средства за реконструкција на локалниот пат Раштак – Бутел, како и изградба на два локални патни правци во Булачани и Виниче.

Буџетот за 2020 на општината предвидува реализирање на капитални проекти кои директно им го олеснуваат животот на граѓаните. Изградба на канализациона мрежа во населените места Гоце Делчев, Смилковци и Црешево, како и продолжување со градба на канализационата мрежа во Јурумлери и Трубарево. Дополнително во капиталниот дел обезбедени се средства за изградба на монтажен паркинг во Автокоманда, изградба на велосипедска и пешачка патека поред реката Вардар од Мерцедес до Јурумлери, изградба на спортска сала во училиштата Кирил и Методиј и Наум Охридски, како и продолжување со градба на детската градинка во Стајковци.

Буџетот обезбедува и средства од 10 милиони денари за поставување на нови линии за улично осветлување и нивно одржување. Во текот на 2020 година е предвидено замена на 4200 светилки, со нови ЛЕД светилки, со што би се реализирала годишна заштеда од 35%. Главниот фокус на следната буџетска година е животната средина, каде се обезбедени 2 милиони денари средства на општината и дополнителни 10 милиони денари од градот Скопје, со кои ќе се уреди 15.000 метри квадратни јавен простор, како и дворовите на училиштата и детските градинки.

Обезбедуваме 1.900.000 денари поддршка на 46 здруженија на граѓани со кои општината заеднички ќе реализира повеќе проекти од областа на животна средина. Обезбедени се 3.500.000 денари за поддршка на 29 спортски здруженија од општината во организација на спортски активности.

Со буџетот за 2020 продолжуваме да даваме поддршка на младите. Стипендиите за талентирани ученици и спортисти, како и грантот за студенти иноватори и оваа година се дел од предлог буџетот на општина. Предвидени се средства со кои Локалниот младински совет на општината самостојно ќе може да ја реализира својата програма за работа.

Се грижиме и за ранливите категории на граѓани. За програмата социјална заштита се одвоени 2.650.000 денари.

Обезбедуваме бесплатен превоз на лица со инвалидитет, еднократна парична помош на лица во висок социјален ризик, дневен центар за стари лица и давање помош во домашни услови, поддршка на центри за борба против семејното насилство, а ќе реализираме и проект за инклузија на деца роми во детските градинки.

Понудивме во 2019 година поинаков концепт за културни манифестации, со кои продолжуваме и во 2020. Токму затоа во програмата за културата се предвидени 3.350.000 денари, за организација културни настани на повеќе локации во општината. Подготвена е и програма за одржување на објектите од домовите на култура и реализација на проекти во износ од 500.000 денари.

За прв пат со буџетот за 2020 година планирани се нови буџетски програми. Првата програма за уредување на сопственичките права на општината врз објектите во нејзина сопственост, со која општината конечно објектите кои ги има во свое владение ќе ги запише во државниот катастер. Втората за формирање на јавно претпријатие за управување со индустриската зона заобиколница, со цел долгорочен економски развој на општината и отворање на нови работни места. Третата буџетска програма за формирање на јавно претпријатие за управување со објектите за култура и спорт во општината, за нивно реконструирање и враќање повторно во функција на граѓаните.

Општина Гази Баба сепак првите 3 месеци од 2020 година ќе ги започне со времено финансирање, поради не изгласувањето на буџетот од страна на мнозинството во Советот. Тоа значи дека општината од јануари до март нема да има пари за реализација на проектите поради стапување на сила на одлуката за времено финансирање на општината.

Поддршката на граѓаните кои директно се вклучија во подготовка на предлог буџетот на општината за 2020 година, преку проектот буџет за сите, е голема и од ден на ден расте. Граѓаните бараат и очекуваат брзо донесување на буџетот.

Се надеваме дека разумот ќе го победи инаетот и во брз рок буџетот на општината за 2020 година ќе биде донесен.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *