Делчевските советници го изгласаа буџетот за 2020 година

Изгласан буџетот на Општина Делчево за 2020 година. Буџетот како што образложи Анка Христова, раководител на секторот финансии, изнесува 336 милиони и 995 илјади денари.
– Основниот буџет е проектиран во износ од 110 милиони и 881 илјади денари од кој капиталните расходи се планирани во износ од 60 милиони и 112 илјади денари, или 54 проценти, додека тековно-оперативните расходи се планирани на износ од 50 милиони 769 илјади денари или 46 проценти, истакна Христова.
Според градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, Буџетот за 2020 година е развоен буџет во кој најголем дел од проектираните средства се расходи наменети за капитални проекти.
– Најголем дел од средствата се однесуваат на изградба и реконструкција на улици и патишта и тоа и во урбаниот, но и во руралниот дел на општината, во износ од 36,3 милиони денари, потоа на изготвување проекти за улици и патишта во износ од 2,2 милиони денари, надомест за одземен имот во износ од четири милиони денари, односно попознато како експропријација на земјиште, планирани се средства за изградба на капела, како и средства за изградба на новиот зелен пазар кој е наш развоен проект за наредната година, рече Трајковски.
Меѓу позначајните проекти за реализација во 2020 година Трајковски ги посочи изградба на улиците во населбата Басарица во износ од 21 милион 867 илјади 127 денари како и изградбата на канализација во истата населба во износ 6 милиони 861 илјада 300 денари.
– Планирани се средства од донација за набавка на камион во Територијалната противпожарна единица, како и дел од грантот добиен преку МСИП-проектот за набавка на возило во Јавното комунално претпријатие за чистење улици. Оваа година е планирано е и домашно задолжување за реконструкција на улиците „Вера Јоциќ“, дел од улицата „М.Тито“, од касарната до населбата и ул.7 кај СРЦ. Овие расходи се во функција на подобрување на јавните услуги и подобрување на инфраструктурата во Општината, истакна Трајковски.
На денешната Седница, советниците ја донесоа и одлуката за утврдување на вредност на бодот за платите на државните службеници за 2020 година како и одлуката за продолжување со работа на Локалниот историски, археолошки, етнолошки и палеонтолошки музеј на град Делчево „Пијанец“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *