Советот на Општина Чешиново-Облешево не го изгласа буџетот за 2020 година

Советот на Општина Чешиново-Облешево попладнево не го изгласа предлог-буџетот за 2020 година, што беше една од главните точки на последната седница за годинава.

Од локалната самоуправа соопштија дека планскиот документ за финансиското работење, што го изготвила општинската администрација не добил доволна поддршка од присутните советници, со што се отвора можноста да се пропушти законскиот рок истиот да биде усвоен до крајот на годината.

– Во Советот има вкупно 11 советници, по пет од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и еден од Народното движење за Македонија, кој токму на оваа седница не беше присутен, поради што на гласањето имаше изедначен број гласови. Очигледно беше дека затаи одговорноста на дел од нив за носењето на еден од најважните документи, односно се злоупотреби функцијата што ја добиле од граѓаните, а сè за задоволување на партиски или личен интерес. Наместо со свои идеи и предлози да придонесат за развојот на општината, тие одлучија да го стопираат реализирањето на нови проекти, што е на штетата на сите жители. Не знам дали нардната недела ќе биде закажана нова седница само за ова прашање, со оглед што рокот е многу краток, истакна градоначалникот на Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев.

Според Крстев, ако се пропушти законскиот рок за усвојување на буџетот, Општината ќе побара од Министерството за финансии да добие рок за времено финансирање од три месеци, со што ќе се довршат веќе почнатите проекти.

Буџетот на Чешиново-Облешево за наредната година е проектиран на околу 42 милиони денари, од кои голем дел се наменети за инфраструктурни проекти и капитални инвестиции.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *