Филипче ја посети Општата болница во Кавадарци: За две години реализирани над 30 проекти

Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети Општата болница во Кавадарци.

– Во изминативе две години спроведени се повеќе од 30-тина проекти во оваа установа, со што е значително зголемено нивото на здравствена заштита на нашите пациенти и воедно е остварена примарната цел за приближување на медицината до крајните корисници, информираше министерот Филипче.

Тој додаде дека е извршено комплетно реновирање и опремување на детското одделение со капацитет од 16 болнички легла, а во моментов во тек е и целосна реконструкција и најсовремено опремување на нов тракт на интерно одделение со капацитет од 16 болнички легла кое ќе добие сосема нов лик.

– Бројот на медицински услуги во овој период е зголемен за над 40 отсто споредено со претходниот период и истото се должи на сите реализирани активности во простор, опрема и кадар во Општата болница со проширена дејност Кавадарци, истакна д-р Диме Коцев, директор на кавадаречката болница.

Од Министерството за здравство соопштија дека изминатиот период реализирани се и реконструктивни зафати како што се изградба и комплетно опремување  нов Ургентен центар, комплетно реновирање нбиохемиска лабораторија, изградба на најсовремен гаражен центар за повеќе од шест амбулантски возила, изградба на кров на болницата, комплетно реновирање на 25 болнички тоалети, комплетно реновирање (со нови врати и прозорци) во административниот дел и болничката аптека, изградба на седум нови апартмани за болничко сместување на пациенти и престој на доктори, поставување нови електрични врати на влезовите и болничките одделенија.

Исто така, извршена е набавка на нов апарат за анестезиологија за потребите на хируршко одделение, набавен е најсовремен ехо апарат за потребите на интерно одделение, дефибрилатор, пациент-монитор и ЕКГ апарат за потребите на интерно одделение, најсовремен ЕХО апарат за потребите на гинеколошко одделение, нов апарат за колоноскопија и опрема за биопсија.

Паралелно, интензивно се инвестира и во зајакнување на кадарот и за таа цел обезбедено е 24-часовно присуство на доктори специјалисти од Универзитетските клиники, за потребите на гинеколошко, детско и одделение за анестезиологија, а дополнително се реализирани пет нови специјализации и 71 ново вработување до овој момент.

Општата болница со проширена дејност Кавадарци претставува здравствена установа во која се пружаат здравствени услуги на ниво на секундарна здравствена заштита и во која се лекуваат околу 80.000 жители од Тиквешкиот регион, кој ги опфаќа општините: Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија. На средбата со вработените во оваа јавна здравствена установа, министерот Филипче им посака успешна Нова 2020 година, стои во соопштението од Министерството за здравство.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *