Советот на општина Тетово го изгласа буџетот за 2020 година

На последната 27-та седница за 2019 година Советот на општина Тетово го изгласа буџетот за 2020 година.  Предвидени се приходи во висина од 27 милиони и 914 илјади евра, додека за расходи 30 милиони и 680 илјади евра.

-Сметам дека ќе имаме добра работна година. Планирањето на буџетот е направено по стандардите дадени од  Министерството за финансии со можноста што е дадена за зголемување на 30 отсто, што минатата година ја немавме. И тоа дава малку поголема можност во однос на планирање на расходите. Исто така, планираните приходи не секогаш успеваме да ги реализираме, но мора да се планираат како такви за тоа што со планирањето може да се изградат и другите процеси за развој, изјави градоначалничката Теута Арифи.

Таа истакна дека главните капиталани инвестици кои се планираат со буџетот е проширување на булеварот „Видое Смилевски-Бато“ како и работа на други четири улици.

На седницата на Советот беше донесена одлука да се даде на користење и управување објектот капела на Јавното комунално претријатие „Тетово“.

-Со денешната одлука, ЈКП ќе менаџира со капелата. Од денеска натаму ќе може да се користи капелата. Тетово беше меѓу ретките градови што немаше ваков објект кој е потребен за граѓаните од православна вера, рече Анастасија Блажевска, советничка од СДСМ.

Седницата при составување на дневниот ред ја напуштија петминаа советници од ВМРО ДПМНЕ. Тие не се согласија со предлог за изменување и дополнување на статутот на општината поради промената на името на државата.

-ВМРО ДПМНЕ нема да учествува во промена на документи. Советот нема обврска да носи ваква одлука и да менува акти со оглед дека според Преспанскиот договор новото име за интерна употреба може да се користи кога ќе се добие датум за преговори за членство во Европска унија, а тоа не се случи, изјави Александар Велјановски од ВМРО ДПМНЕ.

Останатите советници изгласаа менување на статутот на општина Тетово со новото име Република Северна Македонија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *