Ангеловска-Бежоска за „Економист“: Структурните реформи важни за зголемување на потенцијалот на економијата

За забрзување на краткорочната динамика на раст и за зголемување на потенцијалот за долгорочен и одржлив раст на нашата економија, важно е и продолжувањето на структурните реформи коишто треба да влијаат врз квантитетот и квалитетот на човечкиот капитал, физичкиот обем на капиталот и продуктивноста, вели гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во специјалното годишно издание на британскиот магазин „Економист“ издадено на македонски јазик.

Според неа, неопходно е да се продолжи со реформите во образованието, здравството и пазарот на труд, со политиките за стимулирање домашни и странски инвестиции и со политиките кои ќе значат повисока продуктивност како што се поддршка на истражувањето, развојот и иновациите и подобрување на квалитетот на институциите. 

Во интервјуто, акцент е ставен и на видувањата и оцените на Народната банка за следната година во однос на клучните макроекономски параметри, како и на ризиците што доаѓаат од глобалното окружување.

Во однос на придобивките што земјата ќе ги има од влезот во НАТО, гувернерката осврнувајќи се на искуствата на другите држави, оценува дека бенефитите би биле огромни за економијата и за приливот на странски директни инвестиции.

Во интервјуто, Ангеловска-Бежоска говори и за Портата за иновации што Народната банка ја отвори неодамна. Појаснува дека целта на оваа платформа е поддршка на иновациите во финансискиот сектор кои треба да овозможат поголема понуда на технолошки понапредни финансиски услуги со бројни предности за корисниците.

– Портата за иновации е намената за поактивна соработка со сите компaнии коишто нудат вакви услуги. Покрај тоа што ќе даваме насоки и објаснувања на постојните регулаторни барања, преку комуникацијата остварена преку оваа платформа, ќе ја разгледуваме и потребата за евентуална промена на регулативата и за намалување на регулаторните ограничувања за влез на нови иновативни бизнис-решенија и проекти, без да се наруши интегритетот на финансискиот сектор и без прекумерно да се преземаат ризици, вели гувернерката, додавајќи дека о вие активности се во согласност со подготовката на новата законска регулатива за платежни услуги.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *