Петто издание на детскиот фестивал „Распеано симитче“ во Крива Паланка

Петнаесет нови композиции за деца во изведба на солисти од Крива Паланка ќе бидат изведени на годинашното издание на фестивалот на детска песна „Распеано симитче“, што премиерно ќе се одржи утревечер, со почеток во 18 часот, во Центарот за култура од Крива Паланка.

Покровител на фестивалот е Општина Крива Паланка, организатор е Центарот за аудиовизуелни уметности „Карртс“, а е поддржан од Министерството за култура. 

Жаклина Цветковска од Организацискиот одбор денеска на прес-конференција информира дека петтото издание на „Распеано симитче“ е дел од програмата за култура на Општината, надополнувајќи ја програмата за млади. Додаде дека  фестивалот прераснува во традиционална културна манифестација на локално ниво, но се вбројува и во националниот календар на детски фестивали.

Методи Цветковски, директор на фестивалот изјави дека и годинава работеле со проверениот успешен тим од минатата година.

– За продукцијата се задолжени Сашо Митковски и Игор Трајковски. Автори се Снежана Николовска и Игор Трајковски, Лариса Жулина-Митовски, Билјана Антовска, Гордан Спасовски, Анета Санев и нов автор годинава е младиот Филип Додевски од Крива Паланка. Интенцијата е да бидат застапени кривопаланечки авори, соработници на комплетното продуцирање на фестивалот, па во музичката екипа учествуваше и Дејвид Зкиров, визуелен идентитет Натали Велеска, а фотографијата е на Ѓорги Костовски. И годинава ќе понудиме квалитетни композиции што очекуваме и да бидат хитови, изјави Цветковски.

Песните се продуцирани во „СМ“ студио, водителка ќе биде актерката Елизабета Стефановска. Четиринаесет изведувачи се од Крива Паланка, а има и еден солист-гостин од Куманово.

-Со овој фестивал ја остваруваме интенцијата, целта, да им овозможиме на младите нов формат на изразување, да се богати понудата за најмладата публика. Несомнено Крива Паланка е еден од градовите во државата што предводи со бројот на фестивали, од детскиот, детски фолклорен фестивал, меѓународен театарски и фолклорен фестивал, фестивал на староградска песна, а годинава, како Општина организиравме над осумдесет настани од културата, изјави Борјанчо Мицевски, градоначалник на Општина Крива Паланка.

Директорката на Центарот за култура – Крива Паланка Мира Ѓоргиевска истакна дека покрај симитот, оваа Општина станува препознатлива и по „Распеаното симитче“. Посочи дека е одличен начин на заокружување на културната понуда во градот со пораките на децата кои ги пренесуваат преку песна.

Таа ја покани јавноста да го проследи фестивалот „Распеано симитче 2019“, почнувајќи од утре, 24 декември во 11 и 14 часот, термини предвидени за учениците и главната премиера во 18 часот, како и термините во среда, од 14 и 18 часот. Билетите се достапни на касата на НУЦК Крива Паланка, а организаторите покрај добра музика, најавија и изненадување за присутните.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *