Во Штип отворен дневен Центар за возрасни лица со попреченост

Во Штип денеска е отворен Дневниот центар за лица над 18 години со попреченост. На свеченото отворање присуствуваа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и штипскиот градоначалник Благој Бочварски.

Министерката Царовска истакна дека некој можеби ќе каже дека отворањето на овој центар е ситно поместување во делот на социјалната заштита, но тоа сепак е огромно поместување во животот на секое лице кое ќе доаѓа во него.

– Од една страна ќе биде во контакт со општеството, со заедницата, но ќе може да се стекне и со одредени вештини, за коишто сум многу среќна, бидејќи кога дојдов, тие со рацете работат одредени работи, со коишто понатаму не само што се чувствуваат самореализирано од крајот на денот, туку и работно се рехабилитираат, рече Царовска.

Таа потенцира дека Министерството во текот на изминатиот период има инвестирано 10 милиони евра, а општините имале за задача да побараат од нив да финансираат развој на социјалните услуги, како што се дневни центри, домови за стари лица и поддршка на самохрани родители.

Градоначалникот Бочварски рече дека во ист ден во Штип се отвораат два значајни капацитети, а дневниот центар за лица со попреченост над 18 години е реализиран на иницијатива на здружението „Порака“ во Штип, со коешто имале три средби.

– На првата средба се договоривме, на втората средба дојдовме овде и овој запуштен простор го видовме и се договоривме да го реконструираме, а на третата средба веќе го ставаме во функција и се работи за тројно партнерство, меѓу Општина Штип, Министерството за труд и социјална политика и здружението „Порака“, изјави Бочварски.

Претседателката на штипскиот огранок на здружението „Порака“, Лилјана Крстевска и родителите на возрасните лица со попреченост повеќе од една деценија бараат од институциите да се отвори овој центар. Крстевска забележува дека ова е најсреќниот ден за сите нив, а минатогодишната Новогодишна желба им се исполни, благодарени на слухот кој го имаа градоначалникот и министерката за труд и социјална политика.

– За нашите членови, за родителите на нашите членови и за нас самите претставува многу, ова ни беше наша новогодишна желба, си ја кажавме лани, не сослуша и градоначалникот и сите релевантни фактори, истакна Крстевска.

Во дневниот центар за лица со попреченост над 18 години, кој се наоѓа во дел од зградата на Општинското основно училиште „Гоце Делчев“ престојуваат околу 15, а капацитетот е до 20 лица. Со нив секојдневно ќе работат стручни лица, кои се ангажирани во овој центар.

Претседателот на Здружението „Порака“ истакна дека ваквите сервисни служби се на врвот на приоритети на здружението, затоа што на тој начин се реализира и остварува еден член од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Родителите се задоволни што се отвори дневниот центар, бидејќи на овој начин нивните деца ќе бидат згрижени, но и со нив ќе работат стручни лица.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *