Стипендии од МЕПСО за студенти на Техничкиот факултет од Битола

МЕПСО додели стипендии на три студенти во прва година кои студираат на насоката електроенергетски системи на Техничкиот факултет во Битола.

Договорите на стипендистите Николина Димовска, Бојан Стевоски и Александар Стојкоски, кои ќе добиваат по 60.000 денари годишно, им ги врачи генералната директорка на МЕПСО, Ева Шуклева.

– МЕПСО останува партнер во заедничкото вложување во образованието и во создавање стручен, иновативен и квалитетен кадар од областа на енергетиката. Ќе продолжиме да вложуваме во младите луѓе со стипендирање на најдобрите. Овие стипендии се дел од низата стипендии кои МЕПСО традиционално ги доделува на најдобрите студенти. Вкупниот број на студенти корисници на стипендии на Техничкиот факултет сега е девет или вкупно 540.000 денари годишно кои компанијата директно ги вложува само за студентите на овој Факултет. МЕПСО дополнително финансиски помага и студенти на ФЕИТ, а неколкумина од нив веќе се дел од нашиот колектив, истакна Шуклева.

Според деканот на битолскиот Технички факултет, Стојанче Нусев, новите стипендии за најдобрите студенти се уште една потврда дека МЕПСО е најголем донатор на стипендии на тој Факултет.

– Со оваа и друга поддршка што ја добиваме од МЕПСО воедно ја продолжуваме заедничката соработка во научно-истражувачката и апликативната дејност. Во оваа прилика сакам да потсетам дека МЕПСО донираше финансиски средства за изградба на фотонапонска електрична центрана од 10 киловати на покривот на Факултетот, за која тече постапката за обезбедување на дозволи за почнување со работа и можност за директен придонес во заштитата на животната средина, рече деканот Нусев.

Техничкиот факултет од Битола и МЕПСО низ договорот за соработка овозможуваат изведување пракса и вежби во директна координација меѓу студентите, наставниот кадар и професионалците во МЕПСО, беше посочено на денешното свечено доделување стипендии.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *