Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Кристин Форшгрен Бенгтсон.
На средбата се разговараше за актуелните политички случувања во Република Македонија, предизвиците со кои се соочува нашата држава на европскиот пат и претстојните парламентарни избори.
Мицкоски посочи дека главна стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ е членството во Европската Унија, притоа истакнувајќи дека по 12 април, новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има план како да ја стави Република Македонија на брзата трака за членство во Унијата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека најголемиот проблем со кој се соочува нашата држава е криминалот и корупцијата во највисоките ешалони на власта, воедно ова е еден од клучните предизвици за Македонија на патот кон ЕУ и аргумент повеќе за оние кои се скептични за натамошното проширување на Унијата. Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ посочи тој, ќе се фокусира на суштинските реформи во правосудството и искоренување на криминалот и корупцијата во Република Македонија.
Соговорниците се согласија дека соработката помеѓу двете држави е на одлично ниво, но постои простор за дополнително продлабочување на соработката помеѓу Република Македонија и Кралството Шведска.